Една година сте директор на Управата за финансиска полиција. Дали сте задоволен од првите 12 месеци од вашиот мандат?
– Во целина можам да кажам дека сум задоволен од постигнатото во првата година, бидејќи Управата за финансиска полиција покажа повисоко ниво на активност во извршувањето на своите законски надлежности и даде конкретни резултати во откривањето и процесуирањето на финансискиот криминал. Она што посебно го издвојувам како позитивно е дека се наметна нов, пофокусиран пристап во нашата работа – наместо на квантитет, се стави акцент на квалитет и темелност, со цел секоја кривична пријава што ќе ја поднесеме да биде издржана со докази и да заврши таму каде што е најважно – со осудителна пресуда и враќање на средствата во Буџетот.
Секако, простор за унапредување секогаш постои и никогаш ништо не е толку добро за да не може да биде подобро. Имаме објективни предизвици, особено во делот на кадровската доекипираност на одредени сектори, но и субјективни – потребна е уште поголема ажурност, самоиницијативност и посветеност на секој вработен во финансиската полиција. Верувам дека со дополнително јакнење на тимот и со дисциплинирана работа, ефикасноста во борбата против финансискиот криминал ќе биде уште поголема.
Може ли овие ваши согледувања за првата година да ги илустрирате со конкретни бројки? На пример колку милиони денари или евра вративте во Буџетот?
– Бројките најдобро ја потврдуваат ефикасноста на Управата за финансиска полиција. Во периодот од 20 август 2024 до 20 август 2025 година поднесовме вкупно 39 кривични пријави против 97 физички и 34 правни лица. Со овие дела е нанесена штета врз буџетот и институциите во висина од 1.518.578.759 денари (околу 25 милиони евра), а е овозможена противправна имотна корист од 772.014.258 денари (околу 12,5 милиони евра). Овие бројки јасно укажуваат дека институцијата не само што работела поинтензивно, туку и дека резултатите се со реален финансиски ефект. Посебно би нагласил дека станува збор за сложени предмети, во кои е потребна детална анализа на документација, финансиски текови и економски релации, што дополнително ја нагласува сериозноста на работата.

Важно е и тоа што во споредба со претходните години бележиме пораст на вкупниот износ на откриена штета, што е доказ дека нашата стратегија – да работиме темелно и насочено на предмети со голем општествен импакт – дава резултат. Секако, конечната цел не е само констатирање на штетата, туку и нејзино враќање во Буџетот, со што директно се придонесува за интересот на сите граѓани.
Кои се вашите впечатоци од сите овие случаи? Што треба да се смени во нашето општество за да се намалат можностите од сите овие криминали?
– Главниот впечаток е дека најголемиот дел од делата во 2024 и 2025 се поврзани со злоупотреба на службена положба, проневера и несовесно работење во институциите, за разлика од претходните години кога доминираше даночното затајување. Тоа укажува дека институционалниот криминал станува посериозен проблем, кој има далекусежни последици за довербата на граѓаните во државата. Поголемиот дел од случаите што ги работиме произлегуваат од системски слабости – недоволна контрола, слаби механизми за превенција и често недостиг на лична одговорност кај поединци кои управуваат со јавни ресурси. Тоа што е заедничко за голем дел од кривичните дела е фактот дека можеле да се спречат доколку имало построги внатрешни контроли, транспарентност и навремено реагирање на сомнителни активности.
За да се намалат ваквите појави, потребни се промени на повеќе нивоа. Прво, институциите мора да воспостават поефикасни системи на превенција и контрола, кои ќе го отежнат или оневозможат злоупотребувањето на јавните средства. Второ, неопходно е постојано јакнење на интегритетот и професионалноста на јавната администрација, бидејќи секој поединец кој управува со средства на граѓаните мора да биде свесен за својата одговорност. И трето, но не помалку важно, е потребна поголема општествена свест и нетолеранција кон корупцијата – таа не смее да се прифаќа како „нормална“ појава, туку како сериозна закана за развојот на државата.
Верувам дека со јасна политичка волја, соработка меѓу институциите и активно вклучување на граѓаните и медиумите, можеме постепено да создадеме средина во која ќе има многу помалку простор за криминал. Тоа е процес кој бара време, но секој наш случај и секој наш резултат е чекор поблиску до таа цел.

Освен некои законски измени кои ги барате, што мислите дека државата уште треба да направи во превенирањето на овој финансиски криминал, корупција и злоупотреба на јавните ресурси?
– Прво, треба да се воспостават ефикасни внатрешни контролни системи во институциите за начинот на трошење на јавните пари. Второ, мора да има поголема активност на јавните обвинители во водењето на финансиските истраги и во предлагањето мерки за обезбедување на имот и имотна корист стекнати со криминал, кои потоа ќе бидат конфискувани.
Особено важно е да се примени принципот – криминалот да не се претвори во исплатливо занимање. Практиката покажува дека сторителите полесно ја прифаќаат затворската казна отколку конфискацијата на незаконски стекнатата имотна корист. Затоа, конфискацијата е клучниот механизам за превенција.
На Денот на Управата за финансиска полиција рековте дека вашата цел е јасна: систем без толеранција за корупција, каде секој денар се троши законски и одговорно. Како ви изгледа тоа од оваа перспектива со едногодишно искуство како прв човек на оваа институција?
– Тоа е амбициозна и сериозна цел, но и единствената исправна насока ако сакаме да изградиме општество во кое владее правото и постои доверба во институциите. Моето едногодишно искуство како директор ми покажа дека борбата против финансискиот криминал и корупцијата е долгорочен процес кој бара континуитет, трпение и систематски пристап. Сепак, најважното нешто е дека поставивме јасна насока: нема и нема да има толеранција за корупцијата, без оглед на тоа за кого станува збор, бидејќи сите се еднакви пред законот.
За мене, ова не е само институционална обврска, туку и лична професионална мисија – да создадеме систем во кој јавните ресурси ќе се трошат транспарентно и одговорно, а секој обид за злоупотреба ќе биде соодветно санкциониран. Верувам дека со упорна работа и соработка со останатите институции ќе успееме да воспоставиме практика во која секој денар во Буџетот ќе се троши во интерес на граѓаните, а не на поединци или групи. Тоа е цел што бара време, но веќе имаме основа врз која може да се гради доверба и резултати што ќе бидат сè повидливи во следните години.
На кои предмети во моментов работат вашите инспектори?
– Во моментов инспекторите на Управата за финансиска полиција работат на повеќе предмети со голема сложеност и општествена тежина. Се работи за случаи поврзани со злоупотреба на службена положба и овластувања, несовесно работење во институциите, како и класични даночни кривични дела – даночно затајување и даночна измама. Овие постапки не се едноставни, затоа што опфаќаат обемна финансиска документација, сложени трансакции и често поврзаност меѓу повеќе субјекти, што бара високо ниво на стручност, упорност и внимателна анализа.
Иако поради оперативни причини не можам да споделам конкретни детали за тековните случаи, можам да потврдам дека се работи на предмети со значаен финансиски импакт и со потенцијал да покажат дека системот функционира и дека никој не е над законот. Нашата цел е јасна: секое кривично дело кое значи штета за Буџетот и за граѓаните да биде откриено, документирано и процесуирано пред надлежните органи. Уверен сум дека резултатите од овие истраги ќе ја зајакнат довербата на јавноста во нашата институција и ќе пратат јасна порака дека финансискиот криминал нема иднина во нашето општество.
Александар Дамовски
Фото: Роберт Атанасовски






