Сакаме да ја алармираме јавноста и надлежните институции за сериозниот и континуиран проблем со палењето на депонијата Вардариште, што резултира со секојдневно загадување на воздухот, почвата и водата во Скопје и околината.
Граѓаните кои живеат во близина на депонијата, како и сите жители на градот, се изложени на штетни гасови, чад и канцерогени честички кои се ослободуваат при палењето на отпадот. Медицински лица постојано предупредуваат јавно за последиците по нашето здравје, особено по здравјето на децата. Овој проблем не е нов, но неговата зачестеност и интензитет во последните месеци достигнаа алармантно ниво“, беше искажано на протестот.

Исто така беа наведени и конкретните барања, за кои од иницијативата сметаат дека ќе придонесат за првично надминување на проблемот.
„Бараме од надлежните институции: итно преземање мерки за гаснење на активните пожари на депонијата ; континуирано обезбедување на локацијата со физичко присуство од страна на МВР и/или припадници на АРМ за спречување нови палења; поставување ограда околу целата депонија; поставување камери вклучително термални на повеќе точки низ Вардариште кои онлајн ќе бидат јавно достапни за сите граѓани 24/7; итно одвојување финансиски средства и од локалните самоуправи и од централната власт за спроведување на сите неопходни активности за санација и затворање на депонијата Вардариште, согласно еколошките стандарди; формирање независна комисија за испитување на причините за палењето и одговорноста; целосна реформа на системот на управување со отпад преку воведување концепт нула отпад“, се барањата на граѓаните кои при високи летни температури се изложени на чад и смрдеа од Вардариште.

Според официјални податоци уште од 2014 г., на локацијата се претпоставува дека биле депонирани околу 2.500.000 м3 отпад. Точното количество на отпадот не се знае, како ни неговиот состав. Анализите укажуваат на високозагадена и контаминирана средина, како и дека покрај комунален е складиран и индустриски отпад. Резултатите од мониторингот уште во 2013/2014 г. укажувале на многу негативно влијание врз животната средина, особено врз подземните води.
„Ова не е само еколошко прашање – ова е прашање на јавна здравствена безбедност. Секој ден без акција значи уште еден ден во кој децата, возрасните и сите граѓани вдишуваат отрови.
Ги повикуваме медиумите, граѓанските организации и сите совесни граѓани да се приклучат во притисокот кон институциите за конечно решавање на овој долгогодишен проблем.
Доста е! Вардариште не смее повеќе да гори! Граѓанска иницијатива Стоп за Вардариште!“, порачуваат од иницијативата „Стоп за Вардариште“.
Во текот на денешниот ден, на друг настан, премиерот Христијан Мицкоски се осврна и на проблемот со депонијата Вардариште.

„Депонијата Вардариште не ја создаде оваа влада во изминатите 15 месеци. Тоа е создавано 35 години, а можеби и повеќе, ама ние ќе го решиме. Ќе ја средиме и депонијата Дрисла, ќе ја спакуваме и ќе личи на модерна европска депонија со фабрика, која ќе произведува енергија и ќе го произведува, складира и рециклира отпадот“, вети денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Гази Баба.
Тој, нагласи дека очекува надминување на проблемот со палењето на депониите по денешниот кординативен состанок.
„Не постои ад хок решение. Метанот кој што зрачи се пали со еден отпушок. Не треба многу да си креативен или диверзант, само со еден отпушок се пали и тоа ни го прават секој ден“, рече Мицкоски осврнувајќи се на проблемот со кој деновиве се соочуваат скопјани.






