Како што информираа од Амбасадата на Италија во Македонија, целта на проектите е консолидација на демократските институции и поддршка на процесите за национално и регионално помирување, зајакнување на пристапниот процес кон ЕУ на земјите од Западен Балкан и промоција на европската интеграција, превенција на тероризмот и екстремизмот, реформа на правосудниот сектор и изборните системи, транспарентност и борба против корупцијата и организираниот криминал, вклучување и вреднување на младите генерации, жените и националните малцинства во процесите на регионално помирување и интеграција во ЕУ, зајакнување на заштитата и унапредување на човековите права и промовирање и ширење на почитувањето на меѓународното и хуманитарното право.
Предложените иницијативи може да бидат билатерални или регионални.
Секој избран предлог проект може да добие грант не поголем од 90 отсто од вкупните трошоци потребни за реализација на предложените активности во максимален износ од 30.000 евра.
Рокот за завршување на проектите е 12 месеци, сметано со почеток од датата на испраќање на потврда за прифаќање на грантот за реализација, со можност за испраќање на барање за продолжување на рокот за завршување на проектните активности поради неоспорни и оправдани причини (кои треба да бидат докажани од страна на корисникот на грантот).
Поднесувањето на предлозите од страна на физички лица кои имаат правно седиште во Италија или пак во друга земја на Европската унија се врши исклучиво преку сертифицирана електронска пошта на адресата [email protected] и истовремено на [email protected]. Електронската пошта во предметот треба да го содржи насловот „RIF. Bando Balcani 2025“ како и името на субјектот предлагач.
За субјектите кои имаат правно седиште во земја која не е член на ЕУ (како Македонија), апликацијата се поднесува исклучиво преку дипломатското претставништво (во овој случај, преку Амбасадата на Италија во Скопје).
Апликацијата, изготвена според приложениот модел и комплетирана со сите придружни документи посочени во приложениот оглас, може да се испрати електронски на адресата [email protected] или во хартиена форма на адресата на Амбасадата на Италија во Скопје (8. Ударна Бригада бр.22, 1000 Скопје) со назнака „Конкурс за Западен Балкан“.
Крајниот рок за поднесување на барањата е до 12:00 часот на 30 септември 2025 година.
Повеќе инфомрации околу начинот на поднесување на барањата и условите за учество на конкурсот може да се добијат на линкот на Амбасадата на Италија во Македонија – https://ambskopje.esteri.it/mk/news/dall_ambasciata/2025/07/%d0%ba%d0%be%d0%bd%d0%ba%d1%83%d1%80%d1%81-%d0%b7%d0%b0-%d0%b7%d0%b0%d0%bf%d0%b0%d0%b4%d0%b5%d0%bd-%d0%b1%d0%b0%d0%bb%d0%ba%d0%b0%d0%bd/






