Клучните наоди од истражувањето покажуваат дека евроскептичните ставови се во благ пораст и изнесуваат 14 проценти од населениетo за разлика од 2024 кога изнесувале 11 отсто, а бројот на неопределени и апатични испитаници значително се намалил во изминатата година. Долготрајната разлика во поддршката за членство во ЕУ меѓу двете најголеми етнички групи – етничките Македонци и етничките Албанци – е намалена. Вкупно 71 отсто од етничките Македонци ја поддржуваат кандидатурата на државата за членство во ЕУ, што претставува зголемување од 15 отсто во споредба со претходната година. Кај етничките Албанци, пак, континуирано се изразува силна поддршка за аспирациите на земјата за членство во ЕУ. Оваа поддршка се задржува и во 2025 година, при што 76 отсто од испитаниците од оваа група се изјасниле позитивно. Сепак, овој процент е понизок за 8 отсто во споредба со претходната година.
Според истражувањето, 40 отсто од населението смета дека државата е подготвена да стане земја членка, а малку над 60 отсто од населението верува дека во изминатата година е остварен напредок во процесот на пристапување. Истражувањето покажува дека 46 отсто од населението смета дека опструкциите од соседните држави се најголемата пречка за напредокот на Северна Македонија кон членство во ЕУ.
Бројот на испитаници што веруваат дека државата ќе стане членка на ЕУ во наредните 3-5 години се зголемил и во 2025 година изнесува 30 проценти, а релативно висок дел од населението (19 отсто) останува песимистичен во однос на перспективите на Северна Македонија за членство во ЕУ.
Вкупно 60 отсто од испитаниците сметаат дека членството во ЕУ не би го запрело трендот на иселување на младите од земјата.
Анамарија Велиновска, истражувач во Центарот за европски интеграции при ИДСЦС, истакна првиот дел од истражувањето покажува како граѓаните однатре гледаат на процесот и кои се нужните чекори.

„Она што го следиме веќе три години е дека поддршката за уставните измени останува на 24 отсто и тука постои очигледен јаз помеѓу етничките Македонци и етничките Албанци. Всушност, покажуваат дека 57 отсто од етничките Албанци се за уставни измени, а само 11 проценти од македонските испитаници се за уставни измени – рече Велиновска.
Додаде дека во исто време паѓа бројот на песимистички испитаници, кои сметаат дека целосно треба да се запре со процесот на преговори, или ништо да не се прави, на сметка на тоа се зголемува одговорот дека треба повторно да се отвори преговарачката рамка.
„Иако бројот на испитаници што поддржуваат уставни измени е мал, сепак граѓаните ги ставаат во листата на приоритети, но не како нужни и неопходни, туку ги ставаат на второ место. За нив, сепак, приоритет би била заштитата на животната средина, што се поклопува и со областите во реформската агенда. Ова истражување покажа дека граѓаните не се доволно запознаени – само 40 отсто имаат одредени информации, меѓутоа немаат соодветни детали, а голем дел воопшто не е запознаен со реформската агенда“, истакна Велиновска додавајќи дека животната средина првпат се појавува на ова високо ниво како еден од најважните приоритети на граѓаните.
Марко Трошановски, претседател на ИЦДС, истакна дека првпат оваа година, по неколку години пад, поддршката за ЕУ бележи значителен пораст и надминува 70 отсто.
„Имаме значително зголемување од 15 проценти, особено кај етничките Македонци, кои исто така ја поддржуваат Европската Унија, што не беше случај изминатите години, поради големите фрустрации низ кои поминавме во процесот на пристапување. Она што исто така е интересно е дека е намален бројот на оние граѓани што сметаат дека Македонија треба да седи настрана и ништо да не прави во однос на процесот на проширување. Од 2023 година, кога тој процент бил 29 отсто, сега е 21, односно осум процентни поени помалку граѓани сметаат дека Македонија не треба ништо да прави и да не биде активна во овој предизвик, туку дека нашата земја, држава и Влада треба да бидат многу поактивни во делот на евроинтеграциите“, вели Трошановски.
Според него, она што е интересен податок е дека ЕУ продолжува и понатаму да се смета за најважен и највлијателен сојузник на земјата и во контекст на актуелните геополитички превирања очигледно е дека граѓаните се наклонуваат кон онаа алтернатива или опција во која гледаат најголема сигурност, безбедност и перспектива.
„Токму геополитичката несигурност придонесува за тоа граѓаните да се наклонуваат кон опцијата што ја сметаат за најдобра, а тоа е Европската Унија. Во врска со прашањата што треба да правиме во врска со интеграциите, има и опција дали треба да се промени францускиот предлог, односно преговарачката рамка – речиси една четвртина од граѓаните сметаат дека Македонија треба да работи на промена на таа рамка, нешто што е резултат на претходните насоки, кои политичките партии ги давале на јавноста, меѓутоа нешто што е невозможно да се случи, што покажува дезинформираност на јавноста произлезена од политичките настапи или наративи на кои граѓаните се изложени“, рече Трошановски.
Официјалниот претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Даниел Браун, посочи дека е важно да се напомене оти мнозинството од Македонците сè уште ја сметаат ЕУ за најдобрата опција во поглед на економскиот развој и тоа сè уште се смета за најдоброто решение.
„Сепак, се гледаат многу промени кај големите политички партии, па така понекогаш се смета дека ЕУ е добра опција, некогаш не. Ама тоа е нормално дури и за во Германија, каде што за политичките партии може да има различно мислење, сепак мора да се земе предвид дека над 40 проценти од граѓаните сметаат дека пристапниот процес кон ЕУ е нефер, и тоа е нешто што мора да се почитува“, рече тој.
Браун истакна дека Германија прави сè за да го направи можно членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ, тоа е официјалната германска политика.
„Тука сме пет години во земјата, што значи дека сме посветени, но, од друга страна, разбирам поради што македонскиот народ смета дека овој пат кон ЕУ е нефер. Вистината е дека во историјата на ЕУ постојано се случувале некои работи, за кои некои одредени членки на ЕУ сметале дека не се фер. Треба да се вложат напори за да се реши овој проблем од двете страни – треба да се заложат и ЕУ и Македонија, но во секој случај – треба да не се држиме само до својот став, туку да бидеме отворени и да изнајдеме можеби и нови решенија“, истакна Браун.
Антонио Милошоски, претседател на Комисијата за европски прашања, смета дека немало дилема за членството во ЕУ како цел, туку таа била како да се стигне до тоа членство и зошто во текот на овој процес се менуваат условите – за разлика од тоа кога сме почнале и кога сме биле кандидат за членство.
„Фрустрацијата на некои од македонските граѓани сметам дека е оправдана, затоа што во нашиот случај многу често се менуваат условите на игра и се поставуваат одредени пречки, кои немаат суштински допир со Копенхашките критериуми. Затоа сметам дека би требало ЕУ да биде поотворена и поискрена во нејзините намери кои се плановите со сите држави од Западен Балкан и тоа што би сакал да го истакнам е дека со нетрпение го очекуваме предлогот што го најави комесарката Марта Кос за порталот ‘Политико’, каде што во текот на овој јануари спомена дека во февруари или март, ЕУ планира да излезе со одреден нон пејпер поврзан со дискусиите за модалитетите за членство – дали ќе има полноправно членство во догледно време, дали ќе има асоцијативно членство или членство без право на глас, без комесар од новите земји членки. Очекуваме тоа да биде предмет на посериозна дискусија внатре во самата Унија, меѓу земјите членки и со поддршка на ЕК да дојдеме до некаков финализиран предлог, кој ќе може да биде разгледан од сите земји кандидатки“, нагласи Милошоски.
На новинарско прашање дали тоа што е зголемена поддршката за членство во ЕУ ќе ја натера власта да размислува поинаку за уставните измени, односно да се задоволат граѓаните што сакаат членство во ЕУ, тој рече дека во македонското општество има разни мислења на оваа тема.
„На пример, еден релевантен и интересен податок од ова истражување, кој треба да се земе предвид, е дека македонските државјани од албанската етничка заедница, околу 55 отсто, се за менување на Уставот под овие услови што се поставени од страна на Бугарија, кај припадниците на македонскиот народ само 11 отсто одобруваат такво менување на Уставот, а повеќето се против. На Македонија многу поголем проблем ѝ претставува неизвесноста дали каква било национална концесија ќе ја донесе земјата до целта, или пак, уште една дополнителна концесија ќе биде увертира за следна блокада и ново барање или уцена, и тоа за една, две или три години од денес, повторно на теми што не се поврзани со Копенхашките критериуми. Затоа сметам дека е добро Брисел да продолжи со напорите и да посредува во создавање услови за средба на повисоко ниво меѓу официјални лица од Македонија и Бугарија“, рече Милошоски.
Тој додаде дека одредени земји членки на ЕУ се обидуваат да придонесат за такво посредство, но досега, вели, нема позитивен одговор од официјална Софија.
„Сепак, се надеваме дека ќе може да дојде до таков дијалог за да можеме заеднички да разговараме за пристигнувањето на Македонија до конечната цел“, рече Милошоски.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, рече дека „една од работите што најмногу може да загрижува е антиевропската реторика на оваа Влада и лоцирањето на вината во сè во Европа, а тие домашната работа не ја сработуваат“.
„Ако Европската Унија јасно кажала дека ги менува плановите, регулативите за движење, воведувањето на електронскиот систем минатата година, прашањето е што ние направивме? Очигледно е дека Владата не прави ништо, а не правејќи ништо, ние ќе бидеме сè поизолирани и не се само превозниците, многу други граѓани имаат проблем на повеќе нивоа, повеќе работи се во ризик во земјата, студентите може да студираат за десетпати помалку, ако сме земја членка на ЕУ, наспроти сега, а исто така и ограничувањето на движењето“,истакна Филипче.






