Како што соопшти Институтот, главната цел на истражувањето беше да се изврши мерење на повеќе фактори за тоа зошто децата од основните училишта во земјата имаат слаби резултати на меѓународните тестирања.
Истражувањето било спроведено во март/април 2025 година во 10 училишта, во две скопски општини, на примерок од 1.288 деца, 703 од 4 одделение и 585 од 8 одделение. Примерокот бил намерен и биле тестирани сите присутни деца од 4 и 8 одделение. Била направена симулација слична со меѓународните тестирања, а биле тестирани повеќе независни варијабли.
„Во истражувањето се обидовме да ги испитаме начините на кои децата читаат, разбираат и одговараат на прашања, но и даваат свои ставови и мислења, поврзани со одредена тема и за конкретен општествен проблем. Се надеваме дека со сознанијата и резултатите од проектот, ќе придонесеме за посуштинско разбирање на предизвиците и ефектите од основното образование во државата“, се наведува во соопштението на ИСППИ.
Но, истражувањата покажуваат загрижувачки резултати. Сè поголем број на ученици во Македонија читаат, но не разбираат што прочитале. Децата сè потешко ги искажуваат своите мислења, не ги разбираат текстовите што ги читаат и имаат прблем да влезат во дискусија за нив. Децата одговарале на 6 прашања за два раскази од кој еден со позната и еден со непозната содржина.
„Еве неколку заклучоци – генерално резултатите се слаби, и може да констатираме дека генерациски и натаму опаѓа квалитетот на образованието во основните училишта. Денешните деца од четврто одделение се многу послаби од овие од осмо одделение, но заклучокот е дека кога овие деца од четврто одделение ќе стигнат во осмо одделение ќе бидат уште послаби од сегашните осмооделенци“, вели Петар Атанасов од Институтит за социолошки и политичко-правни истражувања.
Оние деца кои помалку читаат книги, и не спортуваат, но затоа премногу време поминуваат на телефон, даваат значително полоши резултати од останатите.
„Во основните училишта во четврто, петто, шесто, седмо и осмо одделение треба да се работи на неколку техники: децата да слушаат, читаат, раскажуваат, да дебатираат и да научат да изградат свој личен став. Преку дијалог за решенија по кој било предмет и која било настава, да се изложуваат на различни текстови“, вели Петар Атанасов.
Професорите апелираат што побрзо да се преземат мерки. Иако наставните програми се добро оформени, недостасува подобра примена. Тие велат, наставниците да имаат поактивна улога, умерено да ја користат дигитализацијата и да се фокусираат на класичното воспитување со книги и текстови.
Истражувањето го спроведе тим од ИСППИ : проф. д-р Петар Атанасов (раководител), м-р Љуан Имери, Сафет Балажи и доц. д-р Јован Близнаковски.






