Резултатите покажуваат дека речиси секој трет испитаник одговорил дека религијата била користена или дека била донекаде користена во функција на предизборно прибирање гласови.
„Иако е сè уште релативно висок процентот на испитаници кои сметаат дека религијата е употребена во кампањата за последните избори, сепак од споредбените податоци со истражувањата од претходно, може да се забележи тренд на намалување на овој процес. За разлика од партиите, кои ја користат религијата во предизборни кампањи, слично како и во претходните истражувања, само кај релативно мал дел од граѓаните користењето на религијата во кампањата имало влијание во нивниот избор за кого би гласале. Високи 75 отсто одговориле дека религијата немала улога во нивниот избор, додека кај 16 отсто таа имала влијание“, се наведува во соопштението.

Истражувањето покажува дека најголема употреба на религијата во политичкките кампањи, кај македонскиот блок е забележлива кај ВМРО-ДПМНЕ со средна оценка 2,34 (5 највисока за користење), кај СДСМ 1,84 а најмала употреба на религијата е евидентирана кај Левица со средна оценка од 1,74. Кај албанските партии пак е измерена повисока употреба на религијата во предизборни кампањи, каде ДУИ има средна оценка 2,73, а Вреди – 2,65. Вкупната средна оценка на граѓаните за употребата на релгијата и религиозните чувства во предизборната кампања од страна на независните кандидати на последните локални избори е 1,9.
„Една од најчестите форми на комбинирање политика и религија, што беше забележана на последните локални избори е барањето на дел учесници во кампањата, благослови од верските претставници. Сепак истражувањето покажува дега огромен број граѓани таквите постапки не ги одобруваат. 64,2 отсто од испитаниците одговориле дека за нив е неприфатливо такво барање, а 21,1 отсто на тоа гледаат позитивно“, се наведува во соопштението.
Граѓаните, како што посочува во соопштението, се против користењето на религија и религиозни симболи во политичка кампања. Таков став делат 68,3 отсто испитаници.
Истражувањето покажува дека повеќе од половината македонски граѓани би гласале за политичар со различна вероисповед од нивната, иако за голем број граѓани конфесијата кон која припаѓаат одредени политичари сè уште има одлучувачка улога во поддршката кон одредена политичка опција која тие ја претставуваат.
„Сепак, висок останува процентот на испитаници кои сметаат дека религијата има влијание врз политичките процеси во општетството. Со „да“ и со „донекаде да“ одговориле 50% анкетирани, иако треба да се напомене дека има одредено намалување кај овие перцепции споредено со претходните истражувања. Околу 24,3% испитаници сметаат дека верските заедници на овие локални избори фаворизирале одредена партија, додека 33,9% не препознале такво нешто. На дополнителното прашање „која?“, за оние кои одговориле потврдно, 27,4% сметаат дека била фаворизирана ВМРО ДПМНЕ, 26,3% ДУИ, 21,2% Вреди и само 1.1% дека била фаворизирана СДСМ“, се наведува во соопштението.
Истражувањето е спроведено по локалните избори во ноември 2025 година и опфатило 1.128 испитаници, со респектирани демографски параметри и маргинална грешка од ±3.2 проценти.
Ова истражување на ИПИС, Религија.мк и КАС е дел од проектот за анализа на перцепицијата на граѓаните за улогата на религијата во мултикофесионални општества.






