сабота, 5 април 2025

Истражна постапка за обид за убиство и притвор за напаѓачот на социјалната работничка во Прилеп – социјалните работници бараат системски мерки за нивна заштита

Основното јавно обвинителство Прилеп донесе наредба за спроведување истражна постапка против 50-годишен прилепчанец, бидејќи постои основано сoмнение дека тој сторил кривично дело – убиство од член 123 став 2 точка 3 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик, како и – неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје експлозивни материи од член 396 од Кривичниот законик.

Објавено на

часот

Сподели

„Вчера, во просториите на ЈУ МЦСР Прилеп, тој со умисла се обидел да ја лиши од живот една оштетена – социјален работник, а во опасност го довел и животот на уште тројца вработени во Центарот за социјални работи.

Со оружје – пиштол марка „берета“ модел 950 Б со калибар 6,35 мм, кој го поседувал без дозвола, тој започнал да пука кон жртвата, која се обидела да се скрие во една канцеларија. Со два куршуми ја погодил, при што со едниот проектил и нанел површна рана во пределот на главата – аркадата, а со другиот и нанел прострелна влезно-излезна рана во пределот на десната страна од слабината.

Директорот на установата успеал да го совлада и да го задржи до пристигнување на полициските службеници, кои покрај пиштолот кај него пронашле и одзеле и еден нож.

Осомничениот, согласно евиденцијата, е претходно осудуван за кривични дела – телесна повреда, загрозување на сигурноста, демнење и други кривични дела, против него во постапка се и други пријави, а во моментот издржувал мерка на безбедност – задолжително лекување во психијатриска болница од каде избегал.

Поради сите овие и други околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и опасност да го повторува кривичното поведение, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот“, се вели во денешното соопштение на Јавното обвинителство.

Заложничка драма во Центарот за социјални работи во Прилеп – за влакно избегнат фатален исход

Ранетата социјална работничка од вчерашниот оружен инцидент во прилепскиот Центар за социјални работи е во стабилна состојба и закрепнува, информираат од Општата болница во Прилеп. Според директорот на Центарот, Зоран Малкоски, дел од вработените побарале медицинска помош по трауматскиот настан со пукањето вчера околу 14 часот во просториите на центарот. Малкоски, во чија канцеларија осомничениот се заканувал со пиштол, на денешната прес – конференција рече дека за сите тоа е тежок, трауматски настан кој за среќа не заврши фатално. Според Малкоски, кој се соочил со стрителот, се случила вистинска заложничка драма и сите сѐ уште се во шок.

„Околу 14 часот, бев во својата канцеларија и со корисници на Центарот работевме на еден случај. Одеднаш слушнав пукање и панично викање во соседната просторија до мојата, архивата. Внимателно клиентите ги спроведов да излезат од друга врата, а јас влегов во архивата. Го видов сторителот кој пукаше и се закануваше со пиштол. Во моментов мислев дека пиштолот не е вистински. Им реков на вработените да се отстранат, а со осомничениот почнавме да се туркаме. Имал истрелално во архивата, се туркавме во мојата канцеларија. Сметав, побезбедно е за вработените. Во канцеларијата пак испука, па се закануваше дека ќе ми пука во ногата, и го впери пиштолот во мојата слепоочница. Цело време, траеја заканите и убедувањата, десет до петнаесет минути“, изјави Малкоски.

Малкоски не знаел кога била ранета колешката-социјална работничка, а според полицијата при пукањето во архивата. Инаку, сторителот испукал најмалку четири куршуми. И денес во ходникот и во просториите беа видливи дупките во ѕидовите, во копир-апаратот каде осомничениот пукал. Малкоски не знае зошто не биле информирани за бегството на осомничениот од психијатриската болница во Демир Хисар.

„Не знам сѐ уште зошто никој не нѐ извести за бегството на осомничениот кого добро го знаеме. Се зачудив кога го видов во просториите. Моите обиди да стапам во контакт со директорот на психијатриската болница беа безуспешни“, рече Малкоски.

Во Центарот за социјални работи неколку години се водел предмет за осомничениот во бракоразводна парница.

„Во почетокот колешката која е ранета беше дел од тимот, но подоцна кога кажа дека добивала закани од него, ја отстранивме“, објасни Малкоски.

Директорот на Центарот за социјални работи овој настан го оквалификува како стравичен, кој можел да се случи во кој било центар во другите градови.

„Ова пукање е и напад на околу 1.200 вработени во сите 30 центри за социјални работи во земјава. Не знам што треба да се преземе. Оваа е специфична институција, каде 90 отсто од населението доаѓа за да се решаваат нивните проблеми. Точно е дека секојдневно добиваме вербални, па и физички закани. Мора нешто да се преземе, но треба консулстација на ниво на министерство“, вели Малкоски.

Социјалните работници бараат законски измени за нивна безбедност – напад врз нив да се третира како напад на службено лице

Денеска од 12:30 до 13 часот вработените на прилепскиот Центар за социјални работи излегоа на мирен собир пред институцијата. Сe заблагодарија на поддршката од колегите од другите Центри и бараат мерки и поголема нивна заштита.

„Бараме законска заштита – донесување законски измени со кои нападот врз вработен во Центар за социјална раобта ќе се третира како напад врз службено лице (напад, психички и физички,од внатрешни и надворешни субјекти). Бараме построги санкции за насилниците – итно процесирање на сите случаи на напад врз вработените во ЦСР и соодветно санкционирање. Да има физичко обезбедување – задолжително присуство на обезбедување во сите Центри за социјална работа. Психосоцијална поддршка – обезбедување бесплатна психолошка поддршка за вработените кои биле изложени на насилство. Бараме и унапредување на условите за работа – подобрување на работните услови“, рече Марко Спиркоски, вработен во Центарот за социјални работи во Прилеп.

Вработените од Центарот изразија силна осуда на говорот на омраза кој континуирано се случува, а ескалираше во вчерашниот ден на социјалните мрежи. Таквиот говор на омраза само ги охрабрува сите оние кои мислат дека се незадоволни и може да придонесе за ново насилство во која било институција, рекоа на мирниот собир вработените во прилепскиот Центар за социјални работи.

Денеска, вработените во центрите за социјална работа во Тетово и Неготино упатија поддршка за колегите од Прилет и изразија загриженост и револт поради зголемените случаи на насилство кај нив и нивните колеги кои се дел од истата државна служба. Според нив, последниот случај во Прилеп е показател дека се потребни системски промени за заштита на социјалните работници.

„Се собравме за време на паузата во однос на настанот кој вчера се случи во Прилеп во знак на поддршка на нашата колешка, која беше повредена од огнено оружје од корисник кој долго време бил третиран во центарот, согласно законската регулатива. Истата е со телесна повреда, да не зборуваме за менталната повреда, стресот и траумата на работно место“, истакна Ѓурѓица Новеска, социјален работник во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Тетово.

Колективот од Меѓуопштински центар за социјална работа Тетово воедно истакна и поддршка за сите колегите од сите центри кои имаат иста методологија на работа.

„Сметаме дека ваквиот немил настан, кој се случил на работно место каде како приоритетни се заштита на правата и интересите првично на децата, семејните проблеми, како и материјалната помош – не е наивна работа и дефинитивно е од јавен интерес. На службеник, што решава така сензитивни прашања, никој не треба да му врши притисок врз здравјето и работата. Едно поради самиот службеник, а друго поради сите судбини кои зависат од тој службеник или стручниот тим кој постапува. На колешката од ЦСР Прилеп ѝ посакуваме побрзо оздравување“, истакна Ѓурѓица Новеска, социјален работник.

Социјалните работници бараат итни мерки за заштита-нападот врз нив да се третира како напад врз службено лице, да имаат физичко обезбедување, психосоцијална поддршка, подобри услови за работа и построги санкции за насилниците.

Поддршка за колешката од Прилеп и барање за системски промени за заштита на социјалните работници денеска упатија и од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Неготино.

„Тоа е јасен показател дека итно се потребни системски промени за заштита на социјалните работници. Социјалните работници секојдневно се соочуваат со закани, вербални и физички напади додека ја вршат својата должност за заштита на најранливите категории граѓани. Недостатокот на безбедносни мерки во институциите каде што работиме сериозно го загрозува не само нашето физичко здравје и менталното здравје, туку и квалитетот на услугите што ги обезбедуваме“, рече Павлинка Волканоска, водител на случај социјален работник.

Таа појасни кои се итните мерки што ги бараат. Пред сè – законска заштита, односно носење законски измени со кои нападот врз социјален работник ќе се третира како напад врз службено лице (напад, психички и физички, од внатрешни и надворешни субјекти). Покрај законските измени искаткуваат дека е неопходно физичко обезбедување, задолжително присуство на обезбедување во сите центри за социјална работа, а потоа и психосоцијална поддршка, обезбедување бесплатна психолошка поддршка за вработените кои биле изложени на насилство. Сметаат и дека е потребно унапредување на условите за работа, подобрување на работните услови и зголемување на платите без условување со минат труд. Социјалните работници ценат дека случајот во Прилеп покажал дека се потребни  построги санкции за насилниците, итно процесирање на сите случаи на напад врз социјални работници и соодветно санкционирање.

На јавниот собир, социјалните работници го изразија  незадоволството и повикаа на институционална одговорност.

„Очекуваме Министерството итно да реагира и да преземе конкретни мерки за заштита на социјалните работници“, подвлече Волканоска.

Ј.П.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ