Оштетениот на 6 септември годинава дошол во Македонија со намера да отвори фирма за градежништво и ИТ, а првоосомничениот, кој според досегашните сознанија се наоѓа во Дубаи, го контактирал телефонски преку мобилна апликација. Му се заканувал и му барал различни суми во износ до 70 илјади евра. Му испраќал и пораки со заканувачка содржина дека ќе го најде и во Македонија и ќе го убие доколку не продолжи да му плаќа рекет.
На 28 септември во земјава пристигнале другите двајца осомничени, од кои едниот внук на првоосомничениот и веднаш го контактирале оштетениот со намера да ги земат парите.
Се договориле да се сретнат со жртвата во еден трговски центар, па кога тој им го предал пликото во кој се наоѓале обележани парите веднаш биле уапсени.
„Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност да ги прикријат трагите или да влијаат врз сведоците, како и особени околности што го оправдуваат стравот дека ќе го повторат кривичното дело, јавниот обвинител предложи на двајцата уапсени осомничени да им биде определена мерка притвор. Во однос на првоосомничениот, се преземаат дејствија за негово лоцирање со цел обезбедување за натамошната постапка“, информираа од Јавното обвинителство.






