петок, 16 јануари 2026

Истрага против 20 осомничени за даночни малверзации, штетата по Буџетот е скоро пет милиони евра

Под раководство на јавен обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал (ОЈО ГОКК), истражителите од Истражниот центар при обвинителството, со асистенција на МВР, вчера до доцните вечерни часови вршеле претреси на 16 локации низ државата. При претресите се пронајдени и времено одземени фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати од правни лица, а осомничените лица се уапсени, информираа претпладнево од ОЈО ГОКК.

 

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираа од ОЈО ГОКК, акцијата е резултат на постапувања на Истражниот центар на Обвинителството и Управата за финансиско разузнавање (УФР), по известување на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), при што биле обезбедени докази за основано сомнение за кривични дела од финансиска природа. Врз основа на ова ОЈО ГОКК отворило предмет и донело наредба за спроведување истражна постапка против 20 лица кои го оштетиле буџетот на државата за 297.733.844 денари или 4,8 милиони евра.

„Првоосомничениот, српски државјанин и сопственик и управител на две правни лица, заедно со двајца службеници од УЈП – Регионална дирекција Скопје, во текот на 2023 година формирале група со цел вршење на кривични дела даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службена положба. Во периодот 2023–2025 година, во групата биле вклучени и други сопственици, управители и вработени во правни лица во Скопје и Гевгелија“, велат од ОЈО ГОКК.

Според досегашните сомнежи, со прикажување неточни податоци во даночните пријави и со помош од даночни службеници од УЈП, во периодот 2023–2024 година првоосомничениот избегнал плаќање данок во износ од 11.593.403 денари.

„Останатите осомничени сопственици и управители на правни лица со лажни пријави побарале, а осомничените вработени им одобриле неосновано враќање данок за нерезидентни правни лица со што е нанесена штета на буџетот во износ од 31.175.168 денари. Дополнително, дел од осомничените во истиот период вршеле трансфер и подигање парични средства со цел прикривање на потеклото на парите прибавени со кривични дела, во вкупен износ од 91.985.197 денари“, се наведува во соопштението на ОЈО ГОКК.

Оттаму додаваат дека досегашните прибрани докази упатуваат дека осомничените вработени во УЈП – Регионална дирекција Скопје, од кои дел на високи раководни позиции, со повеќекратни злоупотреби на службената положба, нанеле вкупна штета на Буџетот од најмалку 162.980.076 денари.

„Јавниот обвинител ценејќи ги околностите утврди дека се исполнети условите за определување на мерката притвор за десет осомничени и на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи на осум лица да им определи мерка притвор, додека за две лица истата е веќе определена во предметот поврзан со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ. За останатите 10 лица јавниот обвинител предложи мерки за обезбедување присуство меѓу кои и забрана за вршење на работни активности поврзани со кривичното дело и работни активности како службени лица во УЈП“, велат од ОЈО ГОКК.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ