Теренската работа за КИИС беше спроведена по парламентарните избори во 2024 година. Националните наоди беа презентирани во јануари 2025, а по објавувањето на меѓународната база на податоци кон крајот на 2025, за прв пат се достапни и меѓународните споредбени наоди. Во раното издание на базата, покрај Македонија се вклучени и други 16 земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Азија и Океанија.
Криза на партиите и претставувањето
Иако Македонија предничи во меѓународни рамки по бројот на членови во партиските организации, граѓаните покажуваат ниска идентификација со партиите и ниски афекти и кон омилените и кон најмалку саканите партии.
Приближно една третина од граѓаните изразуваат негативни чувства кон сите политички партии — што ја ставаат земјата меѓу најнегативните во целиот примерок.
Македонските граѓани попозитивно од граѓаните на другите земји гледаат на можноста земјата да биде управувана од групи надвор од политиката — граѓани на референдуми, независни експерти и бизнис лидери — што сугерира изразита криза на претставувањето.

Изборен процес, демократија и ставови
Граѓаните го вреднуваат изборниот процес и изборната понуда пониско од повеќето земји вклучени во анализата, перцепирајќи повеќе слабости во споредба со поразвиените демократии.
Граѓаните имаат пониска поддршка за демократското уредување од повеќето земји, но истовремено и пониска поддршка за силен авторитарен лидер.
Граѓаните ниско ги оценуваат и демократското ниво и спроведувањето на демократските процеси, како и економските прилики и државниот капацитет (обезбедување здравствена заштита).
Земјата е во групата на земји каде граѓаните во мнозинство сметаат дека со различните групи не се постапува правично.
Граѓаните се умерени во однос на поддршката за ограничувачка улога на судовите врз владата.
Македонија е во групата на топ три земји, чии граѓани се декларираат предоминантно десно на скалата за идеолошко самопозиционирање.
Род и претставување
Мнозинството граѓани сметаат дека процентот на жени во националниот парламент е доволен или превисок, иако во умерена мера споредено со некои други земји.
Земјата е меѓу поделените земји по прашањето кој е попогоден да управува во време на криза — мажите или жените.
Граѓаните се умерени во однос на поддршката за зајакнување на политиките за претставување на жените.
Политички интерес, ефикасност и информирање
Граѓаните имаат споредбено ниско ниво на интерес за политика, ниска внатрешна политичка ефикасност — самодоверба за учество во политика — и ниска надворешна ефикасност, односно доверба дека нивниот глас може да промени нешто.
Граѓаните компаративно пониско се информираат за изборната кампања. Во една недела во текот на кампањата, граѓаните во просек следат вести на сите видови медиуми нешто повеќе од два дена неделно.
За КИИС
Компаративното истражување на изборните системи (CSES) е меѓународен академски проект кој спроведува постизборни истражувања во десетици земји ширум светот. Истражувањето во Македонија го спроведоа Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ), Институтот за демократија „Социетас цивилис” — Скопје (ИДСЦС) и Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), со поддршка на Американската научна фондација (NSF). Податоците се јавно достапни и бесплатни за користење за истражувачки цели.






