„Оваа мерка е клучна за поддршка на нашите градинари кои се посветени на квалитетно производство наменето за преработка“, рече Трипуновски.
Министерот информира дека денеска се исплатија и над 147 милиони денари на 3 686 земјоделци за произведено и предадено кравјо, козјо и овчо млеко.
„Поддршката е шест денари за литар кравјо и седум денари за литар овчо и козјо млеко. Исплатите се однесуваат за периодот јануари, февруари и март 2025 година. Од почеткот на мојот мандат во Министерството се исплатени над 11 милијарди денари што е доволен доказ за нашата посветеност кон земјоделството. Нашата заложба за зголемена конкурентност на домашното производство продолжува. Покажавме дека ги градиме темелите на промените и дека го вреднуваме трудот на земјоделците“, подвлече Трипуновски.
Тој е дециден дека поддршката има ефект кога се исплаќа навреме.
„Минатата една година со оваа континуирана исплата, според статистиката, порасна домашното производство, но и извозот. Еден од примерите е пченицата. Жетвата заврши и согласно нашата евиденција, ожнеани се над 280 000 тони што е враќање на нормалното ниво, колку што се домашните потреби. Ова е доказ дека земјоделците гледаат партнер во Владата“, потенцира министерот Трипуновски.






