„За исплатата на солидарниот данок направени се конечните листи, повеќето од компаниите се согласија враќањето на солидарниот данок да биде на две рати, март 2026 година и март 2027 година. Обрасците се подготвени, УЈП сето тоа треба да го објави на својата веб-страница во најкраток рок, така што очекувам за приближно два месеца, во март, компаниите да ја добијат првата половина од износот на солидарниот данок“, рече Димитриеска-Кочоска одговорајќи на новинарско прашање.
По изјавата на директорката на УЈП дека „Мој ДДВ“ не го дава посакуваниот ефект, Димитриеска-Кочоска рече дека не се размислува за такво нешто и оти сè останува како досега.
„Не, апсолутно. Јас вчера нешто потслушнав на крајот на денот бидејќи цел ден бевме оптоварени со ова, што сметам дека е еден од најголемите предизвици на државата и немав можност да ја слушнам директорката. До овој момент нема некаков извештај или информација до Министерството ниту, пак, сме разговарале воопшто дека ќе го менуваме законот или воопшто ќе дискутираме за „Мој ДДВ“, така што не можам да кажам дека ќе има какви било промени, туку, напротив, сè останува како што беше досега“, рече Димитриеска-Кочоска, на прес-конференцијата за 10 еврообврзница.
Таа вели дека до овој момент нема информација дека е укинат Законот за минималниот глобален данок посочувајќи дека законот и подзаконските акти се идентични како и во другите држави.
„Првпат слушам дека има какво било поништување, ако има, тогаш ќе кажам, жал ми е, затоа што тој данок компаниите ќе го платат во своите матични земји. Целта на минималниот глобален данок е да не избегаат парите и компаниите да ги платат во своите матични земји, туку да ги платат тука. Значи, компаниите не може да избегаат од обврската да го платат тој данок. До овој момент, ниту имам некаква информација дека е укинат ниту што било затоа што тоа е нешто што се воведе, би рекла, на светско ниво. ОЕЦД го спроведуваше и тука направивме идентичен закон како во сите други земји, дури и подзаконските акти речиси на крајот на годината ги носевме од причина што чекавме и другите земји да ги подготват. Ако ова се случило, тоа значи дека некој оди против оваа држава. За данок што треба да се плати и ако не го платат тука, ќе се плати во матичната земја, навистина поразително е ние да се откажеме од нешто што компанијата ќе го плати“, рече Димитриеска-Кочоска.






