Апелацискиот суд ја потврди пресудата на првостепениот суд, во која се вели дека ИРЛ и Цветковска без основа го довеле Анѓушев во врска со темата „токсичен мазут“ – го обвинувале дека компанијата Брако купила одредена количина таков мазут и дека тој, како вицепремиер, имал работен состанок во Владата, на кој биле присутни и лица од таа дејност. ИРЛ го претставила Анѓушев како човек одговорен за увозот на токсичен мазут, но вистината е сосема поинаква. Состанокот во Владата за кој се говори во сторијата бил за сосема друга тема, се одржал во присуство на шеф на кабинет, советници и на други владини претставници, кои за тоа сведочеа на судењето и ги демантирале наводите на ИРЛ. За тој состанок постои и официјален записник. Бизнисменот Анѓушев никогаш не се занимавал со трговија на нафтени деривати.
Вчера се огласија ЗНМ и ССНМ, со став дека „ќе продолжат да стојат зад истражувачкото новинарство и да ја следат натамошната постапка по приемот на писмената одлука, вклучително и користење на сите расположливи правни механизми пред повисоките домашни и меѓународни судски инстанци“.
Според тужбеното барање, ИРЛ и Сашка Цветковска ќе бидат задолжени на Кочо Анѓушев и на „Фероинвест“ да им исплатат по 60 денари или вкупно 120 денари на име отштета.
Од компанијата на Анѓушев соопштија: „Судовите со овие пресуди потврдија дека оваа група со години врши медиумски клевети, изнесува лаги и зависно од текот на финансиите креира средина во Македонија за јавна пресметка со одредени личности за да направи дефокус и заштита токму на вистинските сторители на казниви дела и користена е за внатрешни политички пресметки во Македонија, служејќи на одредени страни.
Во секоја земја економијата е таа која ја движи државата напред и која продуцира работни места и ја полни државната каса со даноци, за да има функционално општество. Кај нас, зад нападите врз компаниите и бизнисмените со лажни вести, стојат крајно неодговорни лица, кои се водат само од свои кариерни и хонорарни причини, а им нанесуваат економска штета на државата и на стопанството“.






