понеделник, 2 март 2026

Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет на УКИМ: Латинскиот јазик да биде задолжителен во една година во гимназиите

Наставниците од Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет на УКИМ со внимание реагираат на последната верзија на предлог-концепцијата за средно гимназиско образование и со свои забелешки се вклучија во јавната расправа во согласност со своето подрачје на експертиза и компетентност.

Објавено на

часот

Сподели

„Силно ја поздравуваме иницијативата за осовременување и промени како во наставниот план, така и во останатите аспекти на средното гимназиско образование. Но, бидејќи гимназиското образование по дефиниција треба да претставува соодветна подготовка на учениците за продолжување на образованието во високообразовните институции, збунувачки и несоодветно го сметаме деградирањето и недоволната застапеност на класичните јазици (латинскиот и старогрчкиот) со сведување на само едниот класичен јазик – латинскиот (старогрчкиот е сосема изоставен), на изборен предмет што се изучува само една година, и тоа во трета година. Повеќе студии, анкети и истражувања (спроведени во Обединетото Кралство, Швајцарија, Германија и др.) користејќи мерливи параметри, потврдуваат дека изучувањето на класичните јазици (латинскиот и старогрчкиот), како и античката книжевност и цивилизација: претставува најдобар начин за подготовка за универзитетски студии; значително ја подобрува писменоста, изразувањето, вокабуларот, граматичките и воопшто јазичните компетенции на учениците; значително помага и го олеснува изучувањето на модерни странски јазици; ја афирмира свеста за заедничкото потекло и основи на европската култура и цивилзација, а со тоа и за заедничкиот европски идентитет и влијае на зголемување на интересот на учениците за читање, посета на театар, уметност, историја и археологија“, реагираат од Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет на УКИМ .

Од институтот потсетуваат дека изучувањето на старогрчкиот и латинскиот јазик е особено полезно и дури неопходно за учениците коишто ќе го продолжат своето образование на студиски програми како што се: медицина, фармација, стоматологија, биологија, биохемија, право, археологија, историја, филозофија, класични студии, француски или италијански јазик и книжевност, англиски јазик и книжевност, општа и компаративна книжевност и други. И тоа не само како најпродуктивно и незаменливо средство за составување на научната терминологија во сите видови научни дисциплини, туку и заради генетската поврзаност на класичните јазици со најголемиот број европски јазици и заедничкото потекло од праиндоевропскиот јазик и, од друга страна, заради големиот број латинизми и грцизми во вокабуларот на сите јазици, особено во македонскиот јазик.

„За жал застапеноста и статусот на предметот Латински јазик и класична култура во предлог-концепцијата – изборен во трета година со една година изучување е несоодветен на потенцијалот што тој го има позитивно да учествува во постигнување на целите, начелата и задачите на гимназиското образование.

Сметаме дека е неопходно овој предмет да биде задолжителен во една година за сите ученици. Со тоа учениците и матурантите од нашите гимназии ќе бидат поблиску до своите врсници од европските земји и ќе им се овозможи посоодветна подготвеност за успешни студии на повеќе студиски програми“, порачуваат во реакцијата наставниците од Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет на УКИМ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ