Празничните прослави најчесто се одвиваат во доцните вечерни и ноќни часови, кога внесот на храна е зголемен, енергетски богат и често нутритивно небалансиран. Според Институтот, токму во овој период физиолошки се намалува метаболичката активност, инсулинската чувствителност и гастроинтестиналната мотилност, поради што доцниот внес на храна создава зголемено метаболичко оптоварување, нарушена регулација на шеќерот во крвта и поизразено складирање на енергијата во форма на масти.
Доцните и обилни оброци се поврзуваат и со нарушување на квалитетот на сонот, појава на гастроезофагеален рефлукс, диспептични тегоби, чувство на тежина и абдоминална надуеност. Долгорочно, ваквите навики, како што нагласуваат од ИЈЗ, се асоцирани со зголемен ризик од дебелина, кардиоваскуларни заболувања, дијабетес тип 2 и други хронични незаразни болести.
Со цел да се намалат здравствените ризици поврзани со доцното јадење за време на новогодишните празници, Институтот за јавно здравје препорачува граѓаните да го планираат времето на последниот оброк така што последниот поголем оброк да се консумира најмалку три до четири часа пред легнување. Имајќи предвид дека за време на празничните прослави времето на спиење може да биде поместено, од ИЈЗ потенцираат дека доцното јадење не треба да стане секојдневна навика. Доколку празничната вечера е неизбежно организирана во доцните часови, се советува прилагодување на составот на оброкот и избор на храна со пониска енергетска вредност, како и ограничување на масната, пржената и силно зачинетата храна која дополнително го оптоварува дигестивниот систем.
Институтот укажува и на потребата да се избегнува комбинирање на повеќе калорични јадења во еден доцен оброк, да се внимава на големината на порциите и по консумирањето на оброкот да не се легнува веднаш, туку да се остави време за иницијална дигестија. Како корисна навика се посочува и практикување лесна физичка активност, како кратка прошетка, со цел подобрување на гастроинтестиналната функција.
Во деновите меѓу празничните прослави се препорачува одржување редовен дневен распоред на оброци, што придонесува за стабилизирање на метаболичкиот ритам, додека лицата со гастроинтестинални, метаболни и кардиоваскуларни заболувања треба да бидат особено внимателни во однос на времето и составот на вечерниот оброк.
По завршувањето на празничниот период, од Институтот апелираат да не се продолжува со навиката за доцно јадење, бидејќи усогласувањето на исхраната со биолошките ритми на организмот претставува значаен чекор во превенцијата на незаразните болести и зачувувањето на здравјето.
Новогодишните празници, како што наведуваат од ИЈЗ, традиционално се поврзани и со зголемена консумација на алкохол, што може да претставува ризик и за здравјето и за јавната безбедност. Оттаму апелираат на умереност и самоконтрола, нагласувајќи дека брзото и прекумерно пиење значително го зголемува ризикот од повреди, труења и акутни здравствени состојби. Особено се потенцира дека никогаш не треба да се управува моторно возило под дејство на алкохол, бидејќи и малите количини го намалуваат вниманието, реакцијата и расудувањето, а граѓаните кои консумираат алкохол треба однапред да обезбедат безбеден превоз.
Од Институтот препорачуваат алкохолот да се консумира заедно со храна и да се внесува доволно вода со цел да се спречи дехидратација, а укажуваат и на можните опасни интеракции меѓу алкохолот и одредени лекови. Лицата кои земаат терапија, како и бремените жени, малолетните лица и лицата со хронични заболувања, не треба да консумираат алкохол. Воедно се апелира доколку се забележат симптоми како губење на свест, повраќање, конфузија или проблеми со дишењето, веднаш да се побара медицинска помош и лицето во алкохолна интоксикација да не се остава само.
Исто така, Институтот за јавно здравје предупредува дека за време на новогодишните празници употребата на петарди и пиротехнички средства претставува сериозен ризик за здравјето и безбедноста на граѓаните. Петардите и пиротехниката не смеат да се користат од деца и малолетни лица, при што родителите и старателите имаат клучна улога во надзорот и превенцијата на несакани последици. Се нагласува и дека никогаш не смее да се ракува со пиротехника под дејство на алкохол или други психоактивни супстанции, како и дека не треба повторно да се активира пиротехничко средство кое не експлодирало.
Од ИЈЗ укажуваат и на штетните ефекти од бучавата која може да предизвика стрес, анксиозност и оштетување на слухот, особено кај деца, постари лица и домашни миленици, поради што се препорачува размислување за алтернативни начини на прослава без бучава. Во случај на повреди, како изгореници или повреди на очи, раце и лице, како и во случај на пожар, граѓаните веднаш треба да побараат медицинска помош и да ги известат надлежните служби.






