Истовремено, како што беше посочено, Западен Балкан може да се соочи со обновен миграциски притисок долж воспоставените рути, што бара зголемена подготвеност и координација. Институтот за меѓународни, стратегиски и безбедносни студии „Радика“ дополнително укажува на растечкиот ризик од хибридни закани, вклучително и дезинформации и операции на внатрешно и надворешно влијание, кои можат да ги искористат постојните институционални и политички ранливости. Во овој контекст, се препорачува владите во регионот да ја продлабочат координацијата со партнери како НАТО, Европската Унија и Фронтекс, со цел обезбедување единствен и ефективен одговор.
Препораките на Институтот од аспект на јавни политики, се сет на итни и координирани мерки за ублажување на овие ризици.
„Сите влади во регионот треба да дадат приоритет на диверзификација на енергетските извори, обезбедување на стратешки резерви и забрзување на инвестициите во домашно енергетско производство со цел намалување на зависноста од надворешни шокови. Паралелно, економските политики треба да се фокусираат на таргетирана поддршка за ранливите категории на население и клучните сектори, при што треба да се избегне неодржливо фискално проширување. Зајакнувањето на граничното управување, унапредувањето на разузнавачката соработка и подготовката на контингентни планови за можни миграциски бранови се исто така од суштинско значење“, посочуваат од Институтот за меѓународни, стратегиски и безбедносни студии „Радика“.

Во крајна линија, велат оттаму, оваа криза треба да се третира не само како предизвик, туку и како можност за градење долгорочна отпорност (resilience) преку зајакнување на институционалните капацитети, унапредување на економската самостојност и консолидирање на стратешката ориентација на регионот во рамките на евро-атлантската архитектура.
Воведни обраќања на дискусијата имаа основачите на Институтот Радика Кирил Миновски, поранешен министер за финансии, универзитетските професори Далибор Јовановски и Жидас Даскаловски, Раби Седрак, безбедносен аналитичар, директор на институтот и Ивица Боцевски, поранешен заменик премиер за европски прашања и амбасадор.
Дискусијата беше фокусирана на неколку прашања од посебна важност за сегашните глобални односи, вклучувајќи геополитичка динамика во развој по избувнувањето на конфликтот на Блискиот Исток и неговото влијание врз глобалната стабилност; импликациите за меѓународната безбедносна архитектура и регионалната безбедност на Западниот Балкан; улогата на главните глобални и сили во обликувањето на случувањата на Блискиот Исток; економски последици, вклучувајќи ефекти врз енергетските пазари, трговските патишта и глобалните синџири на снабдување; импликации за економската стабилност и политичкото опкружување на Македонија и пошироки дипломатски и стратешки размислувања за малите држави во брзоменувачкиот меѓународен поредок.






