четврток, 11 декември 2025

Институциите велат – воздухот во Трубарево е чист, една недела по пожарот

Воздухот во Трубарево е чист, во текот на денот се чекаат резултатите од испитувањето на почвата што ги прави универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, информира денеска вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

Објавено на

часот

Сподели

По посетата на Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“, прашан за состојбата во Трубарево по пожарот во фабриката за рециклирање електричен и електронски отпад посочи дека со стабилизирање на состојбата со огнот се стабилизирала и состојбата со воздухот.

„Ние ги прикажавме резултатите и од дење и од ноќе, кога беа покачени. Веднаш откако се стабилизира состојбата со огнот се стабилизираше и состојбата со воздухот. Таму е чисто, нема никаков проблем. Сега работиме на испитување на почвата. Во текот на денот ги чекаме испитувањата од Универзитетот ‘Гоце Делчев’ во Штип и јавноста ќе биде известена“, рече Меџити.

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска соопшти дека согласно индикативните мерења на суспендирани цврсти честички (ПМ10) на мерното место во Трубарево, спроведени во периодот од 21.09.2025 во 08:30 часот до 22.09.2025 во 08:30 часот, просечната концентрација изнесува 14.2 µg/m³. Највисоката измерена вредност била 44.1 µg/m³, додека моменталното ниво било 11.9 µg/m³.

Резултатите, како што беше наведнео во соопштението, покажуваат дека концентрациите на ПМ10 се во рамки на дозволените и не ја надминуваат 24-часовната гранична вредност пропишана за заштита на човековото здравје, согласно Уредбата за квалитет на амбиентниот воздух.

Пожарот во фабриката „Нула отпад“ за рециклирање електричен и електронски отпад во скопско Трубарево се случи на 13 септември.

Состојбата  на квалитетот на воздухот во скопско Трубарево една недела по пожарот во складот за електронски отпад е нормализирана, а вредностите од мерењата се нормални за една урбана средина, истакна ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип и раководител на лабараторијата АМБИКОН, Дејан Мираковски. Научниците истражувачи од лабараторијата АМБИКОН извршија мерења на воздухот во Трубарево од 14 до 17 септември и како што вели Мираковски веќе е публикувана работната верзија од извештајот во интерес на јавноста.

„Тие се детално публикувани, има анализи, еве се движат од 28 микрограми на кубен метар, просечната дневна, до некаде до 40, што е во рамките на дозволените 50 микрограми на кубен метар. Елементарниот состав е изразен во нанограми или милјардитиот дел на грамот во кубен метар и повторно ако треба да се сумира, тоа се концентрации кои се вообичаени за урбана средина и не се работи за некакви екстремни концентрации на ниту еден од елементите. Споредено со другите градови сме гледале и многу повисоки концентрации, а посебно во зимските периоди, кога е загадено многу повеќе, на сите елементи, коишто се дадени“, изјави Мираковски.

Тој посочи дека не може да направи оценка врз основа на период од пет дена и затоа препорачуваат за превентива и во моментов не е потребно продолжување на хемиските анализи со референтни методи и со мерење.

„За превентива препорачавме да остане мониторингот во реално време, да остане за да може да се види, доколку се јавува некаков проблем. Доколку се врши каква активност, а посебно активност, којашто ќе вклучува земјени работи, ископи, рушење и слично за чистење на локацијата сметаме дека задолжително треба да се води мониторинг со референтни методи и хемиска анализа на честичките во воздухот“, рече Мираковски.

Ректорот на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ истакна дека работната веризија од извештајот покажува дека немаме надминување на масините концентрации на цврсти субстендирани честички, додека пак елементарните концентрации би можеле да се оценат како вообичаени за урбана средина.

„Бидејќи не може да се направи споредба на дневните концетрации со годишните регулирани концентрации и крајно некоретно и несоодветно е да ја направиме таа споредба. Меѓутоа не се забележуваат некои невообичаени високи концентрации, на ниту еден од анализираните елементи, вклучително и на регулираните метали, коишто верувам се предмет на најголем интерес, никел, асрен кадмиум олово итн. Значи генерално вообичаени вредности“, потенцира Мираковски.

Во моментов останува да се доанализираат уште два филтри од последниот ден на мерењето на воздухот во Трубарево и како што вели Мираковски, потребни се дополнителни анализи за воденорастворливите јони.

Тој повторува дека една недела по пожарот во складот за електронски отпад во Трубарево може да каже, а за очекување е дека таму нема никакви активности, нема нови емисии и дека состојбата со квалитетот на воздухот е нормализиран.

„Но, може да се заклучи и за очекување е дека веќе воздухот не е тој медиум, којшто има некаква последица претрпено. Најверојатно после пожарот дисперзијата на тие пожарни гасови, честички е завршена и за очекување е дека би требало да биде нормализирана и вратен во некакви првични рамки. Дополнителните анализи важни за потврдување на зоната на контаминација и за безбедноста на граѓаните се анализите на земјата и на изворите на вода, односно подземните води и површинските води, доколку ги има во регионот“, додава Мираковски.

Научниците истражувачи од лабарторијата АМБИКОН при УГД-Штип беа ангажирани од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање да извршат мерење на квалитетот на воздухот по пожарот во складот за електронски отпад во Трубарево.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ