Судијката Габриела Гајдова во разговорот за МДК.мк на оваа тема вели дека секој во системот, сите институции, од Министерството за внатрешни работи, преку Центарот за социјални работи, до Основното јавно обвинителство, судовите, медиумите, па и граѓаните, има улога во заштитата на жртвите од семејно насилство.
Судијката Гајдова, чие име јавноста го знае од ослободителната пресуда за Павлина Илоска од Велес, која си го уби насилниот партнер и беше ослободена од вина, поради тоа што го штитеше својот живот, за МДК.мк појаснува дека сите имаат обврска со заштитата, но најмногу оној што прв ќе се соочи со жртвата. Пале доби ослободителна пресуда бидејќи ѝ се судеше за убиство на миг, а го уби партнерот во обид да го спаси својот живот.
Според Гајдова, која беше долгогодишен судија во Основниот суд во Велес, а сега е во Апелацискиот суд во Скопје, вели дека оние што први жртвата ги среќава откако ќе пријави, најчесто полицајците, се оние што треба да ѝ влеат сигурност, безбедност и надеж, а не да сеат стереотипи и предрасуди.
„Дали и колку ќе биде успешна постапката зависи од првиот што ја примил и постапил по пријавата. Ако во него жртвата препознае став дека треба да трпи, дека треба да потпише и да си оди од станица, дека тоа се нивни кавги дома и полицијата нема што да направи, дека не е драма или голема работа ако ѝ удрил шлаканица, или ако полицискиот службеник има несериозен пристап, тогаш ништо од заштита на жртвата. Во првите неколку часа доказите се свежи, тогаш е најбитно да се земе брис, ДНК и слично, да се види дали е нешто скршено, фрлено на лице место, и ако тука се направат пропусти, потоа никој не може да ја исправи целата постапка“, вели судијката Гајдова.
Оној што прв ја прима пријавата, додава судијката, е оној од кого зависи целиот процес. Ако жртвата во него препознае став дека таа треба да трпи, или „така ти треба, потпиши и оди си“, или дека „тоа се ваши кавги“, ако има несериозен пристап и како жртва не добие впечаток дека ќе биде заштитена или ако убаво не се провери приказната на оштетената, нема тука ништо од заштита од семејно насилство.
„Друга следна фаза е соработката со центрите за социјални работи, односно дури и да нема пријава за семејно насилство, вработените во ЦСР ако се доволно стручни, при самата бракоразводна постапка можат да препознаат дека во тоа семејство има семејно насилство. Ако и тука се затаи, тогаш повторно се појавува проблем. Потоа на ред се обвинителите, кои треба внимателно да соберат докази и да ни ги приложат на нас, судиите. Може да се случи обвинет за семејно насилство да признае вина, но обвинителот да не ми донесе доволно докази. Тоа е негова законска обврска и на тоа јас како судија треба да изречам казна“, појаснува Гајдова.
За случајот со мајката што почина по пад од зграда во скопската населба Карпош, против осомничениот Стојанче Јовановски поднесена е кривична пријава за кривичното дело наведување на самоубиство.
Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство
Член 128, став 1 вели дека тој што друг ќе наведе на самоубиство или ќе му помогне во извршувањето на самоубиството и тоа ќе биде извршено, ќе се казни со затвор од три месеци до три години. Во ставот 2 се вели дека ако делото од став 1 е сторено спрема малолетник што наполнил 14 години или спрема лице што се наоѓа во состојба на битно намалена пресметливост, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години, а ставот 3 дека ако делото од став 1 е сторено спрема малолетник што не наполнил 14 години или спрема непресметливо лице, сторителот ќе се казни според членот 123.
Судијката Гајдова појаснува дека при наведување на самоубиство, треба да се утврди на кој начин ја навел на самоубиство, ако било пријавувано, дали ѝ се заканувал дека ќе ја убие и слично. Но според ставот 2 од ова кривично дело, односно поттикнување на самоубиство кај малолетно дете, многу тешко може да се докаже бидејќи, според првичните сознанија, мајката паднала од висококатницата со детето во раце.
Многу важно, според нашата соговорничка е, кога се отвора судска постапка против лице за насилство да се види дали е тој фактички повратник, односно не дали е осудуван, туку дали против него имало пријави за насилство, но биле повлекувани.
„Краткотрајните казни затвор може да направат поголема штета отколку условот, кога се работи за случаи на семејно насилство. Ако на пример изречете казна од 5 до 6 месеци затвор, тука осуденото лице нема време да го помине процесот на ресоцијализација. Постои и условна осуда со заштитен надзор, што според мене има голем ефект во целите на казнувањето и ресоцијализацијата. Одмерувањето на казната е подеднакво тешко исто како да утврдиш вина, односно ако сте утврдиле вина, пак сте на почеток кога треба допрва да изречете висина на казната. А свеста за тоа дека не треба да се дава поддршка за семејното насилство започнува од многу мали нозе, односно прво од дома, па од градинка. Треба на децата уште од мали да им укажеме дека ние сите сме исти, дека нема диксриминација, дека жената не е роб, дека мажите не се надмоќни над жените, дека таа не е онаа што треба да молчи, да се тепа, да се малтретира, туку треба да се почитува“, децидна е судијката.
За крај таа посочува дека сите, односно целиот синџир од алки на институции што треба да постапуваат во случаите со семејно насилство треба подеднакво да се вклучени во постапките и да имаат знаење. До државата апелира дека треба да одвои повеќе финансиски средства за отворање на нови засолништа и шелтер центри за жртвите од семејно насилство, за да може да им се пружи заштита.
Судијката Гајдова даде поддршка и на донесените измени на Кривичниот законик со кој сега и за шлаканица и гребаница обвинителството може да гони сторител на семејно насилство, беа согласност од жртвата.
Со измените на Кривичниот законик што беа изгласани во Собранието на 28 јануари 2026 година, државата требаше да направи значаен исчекор во заштитата на жртвите на семејно и родово базирано насилство. Но во практиката се чини дека тоа не е баш така. Дел од измените предвидуваат кривичните дела сторени при семејно насилство да се гонат по службена должност, без согласност на жртвата, како и воведување ново кривично дело за злоупотреба на интимни фотографии и видеа без согласност.
Катерина Додевска






