сабота, 12 јули 2025

ИНРМ тврди дека РКЕ наместо потрошувачите, го штити ЕВН

По нашата претставка поднесена на 29 мај 2025 година, денот кога стапи на сила новиот Закон за енергетика, добивме одговор од Регулаторната комисија за енергетика кој е типичен пример на институционална покорност пред енергетскиот оператор ЕВН и очигледен доказ за нефункционирање на регулаторниот систем во заштита на јавниот интерес, велат од Инженери на Република Македонија (ИНРМ). Како што се наведува во денешното соопштение, со претставката барале итно укинување на член 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија, затоа што е во директна спротивност со член 185 од новиот Закон за енергетика. Дополнително бил побаран и итен вонреден надзор над ЕВН, а Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) да упати јавен повик до граѓаните да пријавуваат незаконски издадени фактури. Од ИНРМ уште побарале ЕВН да биде повикан на одговорност за „континуираното прекршување на законските и договорните обврски“.

Објавено на

часот

Сподели

Суштината на нашата претставка беше да истакнеме дека мерењето на потрошената енергија е технички процес што го изведува мерниот уред, а отчитувањето е акција на операторот за прибирање на тие податоци. Без отчитување, не постои правна основа за реална фактура. Сѐ што се фактурира без реален податок од мерниот уред, освен ако уредот е технички расипан, е спротивно на Законот за енергетика, Законот за заштита на потрошувачите, Законот за облигациони односи и самиот Устав, велат од ИНРМ.

„Во одговорот што го добивме наместо Регулаторната комисија да ја суспендира примената на членот 31, кој дозволува паушално фактурирање дури и кога има валиден измерен податок, таа тврди дека тој член останува во сила сè додека не се донесат нови подзаконски акти, иако истиот е очигледно спротивен на член 185 од Законот. Со тоа, РКЕ свесно го крши уставното начело според кое секој пропис мора да биде во согласност со закон. Подзаконски акт кој е спротивен на закон автоматски ја губи правната сила. Уште пострашно е што Комисијата во својот обид да го оправда системот, се повикува на обврски на МЕПСО (операторот на преносниот систем) иако темата на претставката се однесува на мерење и фактурирање кај домаќинства, што е исклучива надлежност на ЕВН Електродистрибуција и ЕВН Хоум, универзалниот снабдувач. Ова или укажува на неспособност за разбирање на правната и техничката структура на енергетскиот систем, или на намерно заматување на одговорноста, а патем еден член на Регулаторната комисија за енергетика е стручно лице за правни прашања од областа на енергетиката“, категорични се од ЕВН.

Како што се наведува во соопштението, регулаторот дури отворено признава дека се обратил до Министерството за енергетика за „мислење“, како да е некаков пасивен извршител без самостојна надлежност.

„Потсетуваме дека Регулаторната комисија, според член 46 од Законот е независно тело кое има целосна обврска да постапува по закон. Толкување на закони може да даде исклучиво Собранието. До тогаш, законот се применува таков каков што е. Барање мислење не е основ за продолжена примена на незаконска пракса. Со ваквото однесување, РКЕ ја погазува својата основна функција. Наместо да врши надзор над пазарот, како што ѝ е наложено со член 55 од Законот, таа активно го толерира кршењето на правата на потрошувачите, ја штити компанијата што има доминантна позиција на пазарот и дозволува нејзината волја да биде над законот. Бараме веднаш да се суспендира примената на членот 31, да се покрене вонреден надзор над ЕВН и да престане практиката на фактурирање врз основа на измислена, непроверлива потрошувачка. Истакнуваме дека ќе преземеме и други граѓански мерки за да се спроведе законот“, велат од ИНРМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ