вторник, 3 јуни 2025

ИНРМ: ЕВН не достави клучни податоци како се формира цената на струјата

Во последната комуникација од страна на ЕВН Хоум, и покрај побараната транспарентност и пристап до информации за формирањето на продажните цени на електричната енергија, одговорот беше само формален и без конкретни детали, реагираат денеска од здружението на Инженери на Република Македонија (ИНРМ) откако на 21 мај 2025 година, побарале да им бидат доставени информации за евидирани финансови извештаи и бруто биланси за 2023 и 2024 година, податоци за набавка на електрична енергија, информации за бројот и потрошувачката на домаќинствата и малите потрошувачи, конкретни линкови до предлог одлуките за цени и објавените мислења од јавноста, како и објаснување на формулите и коефициентите што се користат при пресметката на цените.

Објавено на

часот

Сподели

„Меѓутоа, наместо тоа, добивме само упатство кон Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), без ниту еден конкретен прилог или линк до содржини. Освен тоа, не беа одговорени прашањата за формулите и методологијата што се користат за пресметките на тарифите, што е од суштинско значење за јавноста. Во дописот, ЕВН потврди дека податоците се доставени до Регулаторната комисија за енергетика, а предлог одлуките биле објавени согласно обврските од тарифниот систем, но не беа доставени ни мислења ниту предлози од заинтересираните страни. На крајот, нагласуваат дека одлуките за формирање на цените можат да бидат предизвикани повторно од страна на Регулаторната комисија ако утврдат кршење на тарифниот систем.

Оваа ситуација укажува на недостаток на достапни и разбирливи информации за цените на електричната енергија, која директно влијае на семејните буџети на граѓаните. Јавниот интерес за транспарентност и отчетност мора да биде приоритет, а нашето барање е да се врати правото за определување на цените на електричната енергија кај Регулаторната комисија за енергетика“, велат од ИНРМ.

Што се однесува до ЕВН Хоум, во одговорот до ИНРМ меѓу другото пишува дека финансиските извештаи за 2023 и 2024 година, бруто билансите за 2023 и 2024 година, финансиско-сметководствените информации за 2023 и 2024 година, податоците за набавена и планирана електрична енергија за 2023, 2024 и 2025 година како и бројот на домаќинства и мали потрошувачи, вклучувајќи потрошувачка во последните 12 месеци за 2023, 2024 и 2025 година се доставени до Регулаторната комисија за енергетика.

„Во однос на дополнителните барања, предлог-одлуките се објавени согласно тарифниот систем, заедно со образложение за формирањето на продажните цени. Универзалниот снабдувач не доби предлози од заинтересираните лица пред донесување на одлуките.

Одлуките за формирање на продажни цени се објавени на интернет страницата, но не се поврзани конкретно со релевантните документи и не е дадено објаснување за формулите и коефициентите. Според Тарифниот систем, доколку регулаторната комисија утврди непочитување на системот, може да нареди нова одлука за подробности во согласност со тарифниот систем“, се наведува во одговорот на ЕВН Хоум доставен до ИНРМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ