Во иницијативата се наведува дека завршната одредба од оспорената одлука за донесување на ДУП во која е уредено дека стапува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во Службен гласник на Општина Ѓорче Петров, е спротивна на уставниот принцип на владеењето на правото и на одредбите од Законот за локалната самоуправа и Статутот на Општина Ѓорче Петров од причина што Уставот определува објавување на прописот како услов за влегување во сила. Меѓу другото, се наведува дека оспорената одлука не е објавена на веб-страницата на Општината што ја прави формално-правно невалидна и спротивна на Законот за урбанистичко планирање.
Според подносителот на иницијативата, донесениот ДУП поради непочитување на законската постапка и неприфаќањето на мислењата од стручните лица, како и без позитивно мислење од Град Скопје не е во согласност со ГУП на Град Скопје 2012-2022 при што реализација на истиот може да предизвика еколошка и безбедносна закана за жителите на град Скопје.
Понатаму се наведува дека оспорениот ДУП за Градска четврт С3 16 Општина Ѓорче Петров има промена на намена и регулација со што не е во согласност со процедурите и законите и предвидува изградба на 2 проценти повеќе од максимално дозволеното со закон.
Оттука, подносителот смета дека со предимензионирањето на висините на градбите и додавање на производни капацитети од хемиската индустрија загрозена е една од темелните вредности на Уставот – уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Меѓу другите иницијативи на дневниот ред од 11. седница на Уставниот суд е и иницијативата Оливер Давидовски од Скопје кој ја оспорува законитоста на член 13 став 2 од Законот за извршување, тврдејќи дека е спротивен на владеењето на правото и правната сигурност. Здравко Тумбовски ги оспорува членови 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидско осигурување, наведувајќи дека го ограничуваат правото на пензионерите и се спротивни на Уставот.
Ѓорѓи Андов го оспорува членот кој предвидува дека каматата престанува да тече кога ќе го достигне износот на главнината, тврдејќи дека е спротивен на уставно гарантираното право на сопственост.
Игорчо Точев го оспорува делот од Законот за градежни производи кој упатува на примена на одредба која не е дел од правниот промет во Македонија. Точев ја оспорува и одредбата од Општиот колективен договор за јавниот сектор, тврдејќи дека предизвикува правна несигурност.
Филип Стојковски ја оспорува листата на стоматолошки услуги со минимални цени, тврдејќи дека е спротивна на членот 9 од Уставот кој предвидува еднаквост на сите граѓани.