Во овој контекст, рекоа, изготвен е и прирачник за справување со сајбер насилство, кој им помага на возрасните полесно да допрат до младите и да комуницираат со нив.
„Сајбер насилството најчесто се случува во пораки, ‘чатови’, коментари на профили, не само преку конверзација, туку и преку споделување најразлични фотографии и видеа кои многу брзо потоа се споделуваат (‘шеруваат’). Понекогаш не сме сигурни дали се работи за навреда, шега или некаков вид социјален притисок. Повеќето не знаат каде да се обратат, а некои и немаат храброст или мислат дека можеби тоа и не е толку голема работа. Затоа, излегуваме со иницијативи преку кои ќе им помогнеме на нашите врсници, но и на возрасните, на родителите – да знаат како да се справат со она што ни се случува во дигиталното опкружување, да научат како да допрат до нас, како да комуницираат“, истакнаа учениците кои заеднички делуваат преку платформата #Нет без хејт.
Според нив, младите најлесно се отвораат пред врсници, а целта е побезбедна дигитална средина.
„Поголемиот дел од времето го поминуваме на интернет, таму учиме, комуницираме и се дружиме, но таму се случуваат и многу навреди, исмевања, споделувања содржини без дозвола. Најчесто ваквите ситуации не стигнуваат до возрасните, зашто младите не знаат кому да се обратат и можеби се плашат да пријават. Затоа ќе краеираме профил ‘нет без хејт’, направен од млади за млади и на него ќе објавуваме практични совети за безбедно користење на интернетот – како да се пријави онлајн – насилство и насочување на младите кон професионална помош, кон соодветни институции и служби. Нашата цел е да не се плашиме од интернетот, туку да го направиме посигурно место за сите нас, и за децата, и за родителите. Поради тоа што нашите родители не растеле во овој свет, тие генерално не се запознаени со ситуацијата. Таргет-група ќе ни бидат тие – да се запознаат со почетоците на интернет-насилството, сајбер булингот. Ќе почнеме и онлајн-кампања на социјалните мрежи, ќе организираме и интерактивни средби за родителите на кои ќе може да прашуваат и да се едуцираат за да не им забрануваат на децата да користат интернет, да не се плашат, туку како правилно да постапат во одредени ситуации и како да го препознаат сајбер насилството од почеток“, нагласија учениците.
Меѓу иницијативите е и да има деца-правобранители во училиштата кои ќе бидат активни и сигурни застапници на правата на своите врсници, вистинска поддршка за секој што ќе сака или ќе смета дека треба да пријави насилство, вклучувајќи и онлајн булинг. Ќе се креираат и видео-содржини, пет епизоди од по 20 – 30 минути, како и подкасти во кои ќе се зборува за спречување на онлајн-омразата. Отворена ќе биде и платформа – вид безбеден простор каде младите ќе можат да споделат што им се случува без страв. Притоа, секој ќе може да постави прашање и да опише ситуации, а тим млади до 18 години, обучени, ќе ги читаат пораките и соодветно ќе одговарат и ќе даваат соодветна поддршка. Ако станува збор за посериозна ситуација, ќе се овозможи поврзување со стручно лице.
„Сите мислиме дека сајбер насилството е лесна, едноставна тема, но не е така. Дури и упатените во ова имаат уште многу што да научат. Сè почна лани кога првпат научивме што е онлајн-насилство. Гледавме како една мала ситуација може да прерасне во голем проблем. Овој процес ни покажа нешто важно, дека младите најдобро ги разбираат младите. Сакаме да ја подигнеме свеста за онлајн-насилството и тоа ќе го постигнеме преку нашите иницијативи“, децидни се од #Нет без хејт.

Иницијативите треба да бидат финализирани до крајот на годинава, а министрите Јаневска и Андоновски искажаа силна поддршка.
На истиот настан беше откриено од страна на министерката Јаневска, дека вкупно 34 случаи на врсничко насилство се пријавени годинава во Министерството за образование, но не е пријавен ниеден случај на насилство преку интернет.
Според учениците, онлајн-насилство има, но како што велат од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје – досега официјално не е пријавен ниту еден ваков случај.
„Вкупно 34 случаи на врсничко насилство се пријавени годинава во Министерството за образование, но не е пријавен ниеден случај за насилство преку интернет, а вие велите дека го има. Јас би ве охрабрила, доколку сметате дека можеме да ви помогнеме, а можеме, кога ќе наидете на такво насилство, да го пријавите. Зашто ние имаме стручни служби што ќе поработат и со службите во училиштата и со наставниците, а ако има потреба и со насилникот, како и со жртвата, ако се обратат. Бидете мост меѓу интернетот и стручните служби. Поттикнете ги вашите врсници зашто разбирам дека меѓусебно најмногу се разбирате, дека на младите им требаат млади, но не исклучувајте ги возрасните. Некогаш и тие знаат да бидат корисни“, порача министерката Јаневска.
Според министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој исто така ги слушна иницијативите на учениците-активисти, рече дека, освен со младите, во однос на сајбер-булингот многу е важно да се работи и со родителите.
„Често ја повторуваме реченицата дека родителите не се научени да се справуваат со сајбер-насилството и сајбер-булингот зашто можеби тоа не постоело во времето кога растеле и биле воспитувани. Сега е некое друго време, кое го носи овој голем предизвик. Затоа е многу важно да се работи со родителите, но заедно и со сите партнери – училиштата, педагозите, стручните соработници и, секако, најмногу со младите. Ние една година го реализираме проектот ‘Центар за побезбеден интернет’ и овие лекции ги учевме лани, но проектот продолжува. Како институции ви стоиме на располагање за сите овие прашања што ги иницирате“, истакна Андоновски.
Како што информира Александра Ивановска од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, официјални пријави за онлајн-насилство генерално нема.
„Досега се за врсничко насилство во живо, но не и за онлајн-насилство. МВР има еден механизам што се вика ‘црвено копче’ за пријавување каков било вид насилство, вклучително и насилство во дигиталното опкружување. За жал, ова не е доволно познато и не ни има голем број пријавени. Конкретно, минатата година преку ‘црвеното копче’ имаше околу четири пријави, иако знаеме дека тоа е за сите видови насилство“, истакна Ивановска.
Учениците кои се дел од иницијативата #Нет без хејт денеска ги претставија своите активности, претстојната кампања и прирачникот – сите во насока на справување со онлајн-насилство, кои треба да бидат заокружени до крајот на годинава.






