На 8 септември во 18 часот во Скопската чаршија ќе се одржи солидарна палестинска кујна, каде ќе се служи домашно готвена палестинска храна. На 9 септември во 18 часот ќе се одржи протест пред Министерството за надворешни работи, во пресрет на македонското учество на Генералното собрание на ОН .
Иницијативата ги повикува граѓаните да се потпишат на петицијата во која се бара Владата и меѓународните претставници на Македонија да гласаат за поддршка на Палестина во текот на ова собрание.
Од иницијативата потсетуваат дека Македонија, во рамките на Југославија беше меѓу првите држави што ја признаа Палестина, и во 1985 година Луан Старова стана амбасадор на СФРЈ во Палестина.
„Што може и што мора да направи Македонија за Палестина?
Да ја потврди својата поддршка за правото на самоопределување на Палестинскиот народ. Да гласа во корист на Палестина на сите идни сесии на ОН, вклучително и во прашањата за полноправно членство и хуманитарна помош. Да усвои официјална позиција со која ќе се осуди геноцидот во Газа. Да воведе пакет санкции против Израел – според Државниот завод за статистика од 2021–2023 година Македонија извезла во Израел стоки во вредност од 23,5 милиони евра, додека увозот во тој период достигнал 43,1 милиони евра – со јасен трговски дефицит на сметка на
македонската економија. Најголемиот дел од увозот е рафинирано гориво и хемиски производи, додека македонскиот извоз се сведува на прехранбени производи и лесна индустрија. Прекинот на оваа трговија нема да ја загрози домашната економија, туку ќе го намали непотребното трошење македонски пари за поддршка на воени
злосторства. Да се прекине академската соработка со израелски институции, вклучително и меморандумот со Универзитетот „Бен Гурион“.
Зошто е ова важно?
Македонската влада не ги застапува интересите на народот кој живее на својата територија, а воедно и вредностите со кои се кити на меѓународната сцена. Соработката со Израел и со САД во оваа смисла допринесуваат само за тесните интереси на неколкумина, додека народот во Македонија секогаш ја вреднувал солидарноста, хуманитарноста и мирот. Затоа, на 9 септември, излезете на улица и приклучете се кон протестот. Да го кренеме гласот против геноцидот, против молкот и против двојните стандарди“, се вели во соопштението на Сите за Палестина.






