недела, 7 декември 2025

Индипендент: Охрид, срцето на Балканот, градот во кој традицијата се среќава со иновациите

Со владината поддршка и стимулации од авиокомпаниите што ја зголемуваат пристапноста, туристичката индустрија на Македонија брзо добива на интензитет, пишува во репортажата за Охрид угледниот британски весник Индипендент.

Објавено на

часот

Сподели

Познат по своите историски споменици и прекрасна природна убавина, Охрид е една од најстарите населби во Европа. Нуди навистина уникатно искуство за посетителите, кои можат да шетаат по шармантните калдрмисани улици на Стариот град, да истражуваат антички локалитети или да се релаксираат покрај езерото заштитено од УНЕСКО. Неверојатно бистрите води на езерото се совршени за пливање, едрење или едноставно уживање во погледите од лежалка или бар покрај езерото, пишува Индипендент.

„Некогаш мирен град покрај езеро, познат по своето спокојство и наследство, Охрид се трансформираше во жив центар на нова ера на балкански туризам… Сепак, додека Охрид им нуди на посетителите фасцинантен прозорец кон едно поранешно време, овој прекрасен град во Северна Македонија се појавува и како нов туристички центар со напреден ум, и регионално и локално“, наведува весникот.

Како поткрепа на ваквиот опис за Охрид весникот ја пренесува приказната за Филип Стефаноски, чија мултинационална туристичка компанија, DMC Balkans & Europe, минатата година беше домаќин на десетици илјади меѓународни туристи. Во репортажата пишува дека Стефаноски е оператор кој користи иновативна технологија и силни регионални врски за да испорача импресивен спектар на услуги за патувања и настани.

„Филип, самостоен претприемач, е признат како еден од највлијателните туристички лидери на Балканот. Сепак, трансформирањето на неговиот роден град Охрид во глобален туристички центар не беше мал подвиг. Со усвојување системи за управување со патувања управувани од вештачка интелигенција, воспоставување соработка со врвни меѓународни туроператори и следење на филозофијата на лидерство вкоренета во ‘вера, интегритет и иновација’, тој го редефинираше модерниот балкански туризам. За извршниот директор Филип, успехот не е само комерцијален. Тој е воден од желбата да создаде значајни туристички искуства што ги поврзуваат луѓето, а воедно ја почитуваат културата и наследството на неговата татковина. Неговата компанија, DMC Balkans & Europe, помогна во обединувањето на често фрагментираниот регион, а воедно ја претстави и убавината на Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Србија и Грција пред светот“, пишува Индипендент.

Во продолжение, репортажата се фокусира на DMC Balkans & Europe, компанијата на Стефаноски која управува со различни дестинации, специјализирана за Балканот и Европа, која им служи на клиенти ширум светот. Од пакет-тури до целосно прилагодливи маршути, „таа нуди беспрекорни решенија за патување, прилагодени за поединци, агенции и партнери“.

Со канцеларии во Љубљана, Дубаи, Тајпеј, Куала Лумпур и Манила, компанијата опслужува над 25 глобални пазари, испорачувајќи „висококвалитетни патнички искуства кои комбинираат локална експертиза со неспоредлив професионализам. Исто така, се истакнува во организација на состаноци, конференции и изложби, нудејќи прилагодени решенија за деловни патувања, придружни тури, пакети за саеми и друго.

„Во текот на изминатите девет години, тимот изгради силна репутација како доверлив партнер за бројни меѓународни корпорации и владини институции. Нејзината платформа за резервации, Deb.travel, управувана од вештачка интелигенција, им овозможува на патниците и агенциите да планираат комплетни, прилагодени патувања, со можност за резервација на летови, локални тури, хотели, трансфери и незаборавни искуства, сè на едно место. Благодарение на широката партнерска мрежа на компанијата и длабокото локално познавање, таа нуди конкурентни цени и можност да се впуштите во навистина автентично патување, каде што се грижи за секој детаљ“, пишува британскиот весник Индипендет.

Дури влијанието на компанијата се шири низ Европа и пошироко, нејзиното срце останува во нејзиното родно место, Охрид. Со својата убавина, богато наследство и гостопримлив дух, таа е совршена почетна точка – или попатна станица – за секое патување, оценува весникот.

„Како оператор за дојдовни тур-туристи, DMC Balkans & Europe навистина блеска кога станува збор за претставување на локалниот регион, па затоа не е изненадување што толку многу од неговите патни планови го вклучуваат и Охрид. Лесно би можеле да го поминете целото патување во историскиот град, истражувајќи ги прекрасните калдрмисани улици, црквите исполнети со историја (вкупно 365) или релаксирајќи се на Охридското Езеро, со неговите прекрасни, привлечни сини води. Не заборавајте да ја пробате и локалната кујна, вклучувајќи го и македонскиот национален специјалитет тавче гравче, обилно јадење со грав послужено во глинен сад. За оние кои сакаат да се осмелат понатаму, Охрид е исто така одлична почетна точка за истражување на регионот“, се потенцира во репортажата.

Од весникот наведуваат дека со владина поддршка и стимулации од авиокомпаниите што ја зголемуваат пристапноста, туристичката индустрија на Македонија брзо добива на интензитет.

„Сепак, земјата, а и самиот Охрид, сè уште се чувствуваат како скриен бисер, нудејќи спокојство што не може да се најде кај некои од нејзините попрометни европски соседи. Денес, Охрид претставува повеќе од само дестинација. Тој е симбол на нова, поврзана ера на балканскиот туризам, ера каде што иновациите се среќаваат со богатата историја. Ера што чека да биде истражена“, заклучува во репортажата за Охрид угледниот британски весник Индипендент.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ