среда, 25 февруари 2026

„Илинден“-Тирана реагира поради затворањето на матичната канцеларија во Острени

Македонско друштво „Илинден“-Тирана, во име на  Македонците од областа Голо Брдо, остро реагира на затворањето на матичната канцеларија во административната единица Острени, која ги ослужуваше жителите во оваа област.

Објавено на

часот

Сподели

„Преместувањето на матичната служба, од административната единица Острени во општина Булќиза ги принудува жителите на областа Голо Брдо да патуваат до градот Булќиза за секоја минимална потреба. За илјадници жители на оддалечените села во областа Голо Брдо, патувањето до Булќиза не е само процедура, туку физички и економски предизвик. Во тешки временски услови, ова патување станува речиси невозможно“, пишува во реакцијата.

Се додава дека добивањето извод или друга основна услуга ќе бара дополнително време и трошоци, што ќе го направи животот во оваа област уште понеподнослив, ако, меѓу другото,  се има предвид лошата патна инфраструктура.

„Со оддалечувањето на администрацијата од луѓето, државата практично ја напушта областа Голо Брдо, што го отежнува постоењето на македонското национално малцинство, поттикнувајќи го заминувањето на семејствата. Бараме од Владата и од општина Булќиза, во административната единица Острени, да воспостават матична служба за двете административни единици Острени и Требиште“, се нагласува во реакцијата, потпишана од Никола Ѓурѓај, претседател и Фатри Фетаху, координатор на друштвото за областа Голо Брдо.

Се посочува дека областа Голо Брдо е планински регион со посебни географски карактеристики и лоша инфраструктура а оваа одлука е „директен удар врз жителите на Голо Брдо“, по одлуката за укинување на општините Острени и Требиште, кои „беа деградирани во амдинистративни единици“.

Се порачува дека Македонското друштво „Илинден“-Тирана останува посветено на заштитата на правата на Македонците во Република Албанија и предупредува дека ќе ги искористи сите законски и демократски патишта за да се спречи оваа административна изолација.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ