Правилата налагаат, мрестот во Охридското езеро да се врши помеѓу 15 и 31 јануари, но засега тоа се случува само на две локации, во Охрид, кај Вирчето на Кале и во Трпејца, мрест кој го врши Хидробиолошкиот завод од Охрид. Директорката на Заводот, Орхидеја Тасевска, во телефонски разговор за МКД.мк изјави дека по потпишаниот договор со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Хидробиолошкиот завод непречно го спроведува мрестот на пастрмката и дека немаат никакви проблеми со процесот.
Но, на четири други локации, Струга, Калишта и Радожда, струшко како и на локацијата Воска во Охрид мрест нема, а рибарите се жалат дека последиците се мерат во изгубени икри, финансиски минуси и ризик за исполнување на годишната квота од еден милион икри. Исклучок од овие локации е Пештани, охридско затоа што таму нема концесионер кој би стопанисувал со тој дел од Охридското Езеро.
Мрест има само „на хартија“
Иако мрестот формално е започнат, мрест има само „на хартија“. Најголемиот дел од езерото е практично „затворен“ за рибарите, кои истовремено се соочуваат со строги забрани за користење мрежи.
„Забранети ни се мрежите за јагули и пловечките мрежи, а дозволени се само мрежи за крап, иако, крап во овој период речиси и да нема. Последиците се видливи, нема мрест, нема лов, нема приходи, а трошоците секојдневно растат“, се жалат рибарите со кои разговараше МКД.мк.
Она што нив посебно ги загрижува е фактот што Институтот за сточарство, иако потпишал договор со МЗШВ , истиот подоцна го известил Министерството дека нема да врши мрест на пастрмката затоа што базенот во селото Шум кај Струга бил во лоша состојба. Во исто време, тврдат нашите извори таму се одгледува поточна риба која потоа се продава, а корист имаат само неколкумина одгледувачи на риба.
„Тоа дека нема услови за работа е само изговор, затоа што во исто време во базнените во Шум се одгледува поточна односно речна пастрмка. Вистината е дека државата ја одредува цената односно колку пари ќе го плати мрестот. Годинава според договорот тоа е 1,5 милиони денари. Па затоа дел од одгледувачите замеаат икра од рибници и после продаваат рипчиња гледајќи го личниот интерес, а не интересот на државата“, тврдат нашите соговорници.
Од МЗШВ признаваат дека Институтот за сточарство ги известил дека немаат услови да го спроведат годишнашниот мрест. Во официјалните одговори доставени до редакцијата на МКД.мк, од Министерството посочуваат дека токму известувањето од Институтот било клучната причина што годинава не започнал мрестот во Воска, Калишта, Радожда и Струга.
„Во дописот со кој се бара раскинување на склучениот договор доставен од УКИМ Институт за сточарство и рибарство – Скопје доставен на ден 22 јануари 2026 година до Министерството, како образложение се наведува лошата состојба на мрестилиштето Шум, односно немањето можност за изведување на подготвителните активности по однос на делумно обновување и подготовка на инкубатори и одгледувачките базени за подмладокот и реализирање на предвидените активности согласно договорот“, се наведува во одговорот на МЗШВ.
Ова значи дека системот што треба да го обезбеди опстанокот на автохтоната риба – потфрлил уште пред почетокот на сезоната на мрестот.
Што се однесува до одгледувањето на поточната риба во време кога треба да се врши мрестот на пастрмка, од Министерството велат дека тоа е дозволено со закон, но не кажуваат зошто тоа се прави сега наместо да се спроведува мрестот на пастрмката.
„УКИМ Институт за сточарство – Шум покрај тоа што е регистриран за одгледување на подмледок од охридска пастрмка, тој е регистриран и за одгеледување на порибителен материјал и од диви автохтони видови риби“, велат од МЗШВ.
Рибарите се сомневаат дека зад сето ова се крие многу поголем проблем особено што, како што нагласуваат, годинава наместо да биде отворен јавен повик, биле потпишани непосредни договори со институциите кои имаат право да го вршат мрестот на пастрмката. Начинот на склучување на договори за порибување согласно законските одредби е уреден во Програмата за финансиска поддршка, која е донесена и објавена во Службен весник.
„Министерсвото склучува договор со изведување на вештачкиот мрест и порибување на езерото со регистрирани мрестилишта, согласно Законот. Организацијата на активностите потребни за изведување на порибувањето ја прават ангажираните мрестилишта“, велат од МЗШВ.
Изгубено време, изгубена икра, изгубени приходи
Рибарите велат дека се ставени во небрано и дека размислуваат и на тоа дека ќе мора да отпуштат дел од вработените.
„Имаме забрана од три, четири месеци за улов на пастрмка и еден месец за крап – тоа се седум месеци без реална работа. А трошоците растат. Трошоците на месечно ниво се околу 200.000 денари, а дополнително годишните обврски кон државата изнесуваат околу 350.000 денари. Со вакви трошоци, а без мрестот на рибата тешко дека ќе можеме да издржиме“, велат рибарите со кои што разговараше МКД.мк.
Последиците можат да бидат несогледиви и по екосистемот. Рибарите појаснуваат дека со вештачкиот мрест, успешноста достигнува и до 85 проценти, а кај природниот, преживувањето на младите риби ретко надминува 10 проценти, бидејќи икрата и оплодените единки стануваат лесен плен за поголемите риби во Охридското езеро.
„Секој изгубен ден во овој период значи директна штета за рибниот фонд“, велат рибарите.
Дополнителен ризик претставуваат и природните услови однсоно полната месечина и зголемената видливост во водата, кога рибите полесно ги забележуваат мрежите и уловот дополнително опаѓа.
„Ако ваквата состојба продолжи, не е загрозена само годишната квота од еден милион икри, туку и долгорочната одржливост на рибниот фонд во Охридското Езеро. Прашањето е дали институциите ќе реагираат навреме – или повторно ќе се бара виновник откако штетата веќе ќе биде направена“, прашуваат рибарите.
Од МЗШВ засега нема одговор кој, како и дали ќе го преземе мрестот на пастрмката во четирите подрачја на Охридското Езеро кои чекаат подобри денови.
Искра Опетческа






