Ахмети бара разбирање од странските претставници за неговото незадоволство од Уставниот суд
Деновиве, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, преку нон-пејпер испратен до меѓународните партнери предупредува дека одлуките и постапките на Уставниот суд отвораат чувствителни прашања кои можат да ги дестабилизираат меѓуетничките односи во земјата.
Ахмети обвинува дека Уставниот суд дека се претвора во параполитичка институција, дека носи одлуки по етничка линија и дека со своите иницијативи ги доведува во прашање темите поврзани со Охридскиот рамковен договор.
Освен тоа, како проблематични за ДУИ и нејзиниот лидер се посочуваат ставовите, т.е. одлуките на судот за укинувањето на „балансерот“, потоа иницијативите поврзани со Законот за употреба на јазиците, намалувањето на бројот на општински советници, како и отворањето на прашањето за таканаречените „хашки случаи“, односно Законот за амнестија.
Претходно, од ДУИ побараа оставка од претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, откако беа отфрлени сите иницијативи пред овој суд за Законот за прекршоци , а не ја исклучуваат и можноста да бараат и негова кривична одговорност, оценувајќи дека со ваквите постапки се нарушува уставниот поредок.
Во документот, Ахмети пред странските претставници го отвора и прашањето за воведување на бадентеровиот принцип во Уставниот суд, односно законите донесени со двојно мнозинство да не можат да се укинуваат без ист таков принцип на одлучување. Односно, во т.н. нон-пејпр се наведуваат три мерки, кои ДУИ веќе ги има изнесено во македонската јавност, уште по парламентарните избори во 2024 година, откога ја загубија 20-годишната позиција „коалиционен партнер во Владата“. Мерките што го предлага ДУИ се : избор на Влада со бадентеров принцип, негова примена во Уставниот суд и продлабочување на децентрализацијата. Партијата повторува и дека е потребен сеопфатен ветинг во институциите.
Според лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Уставниот суд со отворањето на овие исклучително чувствителни прашања може да ги дестабилизира меѓуетничките односи во земјава, па затоа ги алармира меѓународните партнери.

Ифтарско престројување во албанскиот блок-партии во Македонија
Во контекст на превирањата и престројувањата во дејствувањето на политичарите од албанските партии и коалиции во Македонија, реакции во самиот блок, а и во македонската јавност предизвика ифтарската вечера во петокот, на 13 март, во Тирана, кај премиерот на Албанија, Еди Рама. Присуството на министерот во македонската влада, Фатмир Лимани од коалицијата Вреди, на иста маса со лидерот на ДУИ, Али Ахмети ги заостри внатрешните односи во самата коалиција, која е во процес да се конституира како партија. Некои политички аналитичари во Македонија, тоа го толкуваат дури и како најава за можна реконструкција на македонската влада, но секако на веќе активно прегрупирање во самиот албански политички блок. Особено што овој чин предизвика итна реакција од матична коалиција на Лимани, која побара јавно објаснување за неговото однесување, а и претходно, градоначалникот на Тетово и лидер на партијата Беса (дел од коалицијата Вреди), Билал Касами бараше негово „отповикување“ од Владата.
„Не е тајна дека во рамките на Вреди се развива борба со „лакти“ за да се заменат, со анонимни фигури, главните протагонисти кои го реализираа проектот на обединување. Во такви околности, никој не може да очекува јас да стојам со скрстени раце“, наведе, покрај другото, министерот за социјална политика Фатмир Лимани во својот одговор на прашањата од коалицијата по неговото заедничко појавување со Али Ахмети и Арбен Таравари на ифтарската вечера во Тирана, организирана од албанскиот премиер Еди Рама. Во објавата на неговиот профил на социјална мрежа Фејсбук, Лимани, кој има повеќе несогласувања со лидерите на коалицијата Вреди, одговара на прашањата од партнерите за мотивите да се најде на иста маса со политичките противници.
Во објавата тој наведува дека бил поканет на ифтарска вечера и дека домаќинот е тој што го одредува редот.
„Ако некој бара објаснување зошто Фатмир Лимани е на маса каде што се појавува и Али Ахмети, одговорот е многу поедноставен отколку обидот тоа да се претвори во ‘политичка дилема’. Бев поканет на ифтар како министер што ја претставува државата, на софра на која се поставува ифтар, момент што ги обединува духовите кои се саможртвуваат во исто време со јасна цел. Во нашата култура, домаќинот е тој што го одредува редот на софрата и местата на гостите. На една трпеза на гостопримство не се оди за да се прават политички калкулации и да се наруши софрата, туку за да се почитуваат традицијата, гостопримството и заедничкиот човечки момент. Софрата не е место за поделби, туку за почит“, наведе Лимани, потенцирајќи дека неговите ставови секогаш биле јавни и јасни. Истовремено, се повикува на тоа дека „политичката култура и општествената зрелост напредуваат и бараат и противниците да бидат во состојба да се поздрават, да разговараат и да зачуваат минимум нормалност во човечките односи“.

Предупредувачки аларм за нова нон-пејпр „тиранска платформа“
Сепак, и покрај објаснувањето на Лимани за „гостопримството, традицијата и политичката култура“, за познавачите на состојбите во албанскиот блок партии во Македонија, останува дека спорниот момент на ифтарската вечера во Тирана, не е само протоколарен, туку длабоко личен и политички. Контроверзноста на чинот е во меморијата на македонската политичка сцена, со оглед на претходните тешки обвинувања што Лимани ги упатуваше кон Ахмети, вклучително и за наводна инволвираност во убиството на неговиот татко.
Но во македонската политичка јавност, ваквите „неформални“ собири во Тирана, на политичарите од албанскиот блок партии во Македонија, ги активираат сеќавањата на слична неформална средба на Божик, во 2017 година, на истото место, од која произлезе т.н. тиранска платформа. Навистина, никој од тогаш присутните на средбата во Тирана не призна дека постоел формален документ, што би се нарекол Тиранска платформа, но речиси сè што било договорено да се побара од тој политички субјект што требаше да тогаш да формира влада во Македонија, беше исполнето. Круцијалната „придобивка“ од таа „непостојната платформа“, своевиден нон-пејпр е контроверзното усвојување на Законот за употреба на јазиците во македонското законодавство во 2018 година, со користење на сите политички и параполитички методи. Токму „одбраната“ на тој закон, е една од причините за сега лидерот на ДУИ, Али Ахмети им се обраќа со нов нон-пејпр на странските претставници во Македонија за денунцијација на Уставниот суд, нарекувајќи го „параполитичка институција“.
Превирањата и престројувањата во секој политички субјект се редовна практика, всушност принцип на политичко функционирање, така што софрата во Тирана за престројувањето на албанскиот партиско-коалициски блок во Македонија е горе-долу, внатрепартиска работа. Но искуството од блиското минато на Македонија, упатува на предупредувачки аларм од договорите и разговорите на такви неформални, дури и „непостојни“ собири во Тирана – особено кога актерите се „загрижени“ за дестабилизација на меѓуетничките односи, како што лидерот на ДУИ, Ахмети им се жали на странските амбасадори во Македонија.
Ј.П.






