недела, 7 декември 2025
Локални избори 2025

Мицкоски: Заедништвото и обединувањето за развој на Кичево

Порака за обединување и заедништво за подобар живот, подобра иднина за сите, испрати вечерва од предизборниот митинг во Кичево лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски. Обединети, рече, сме непобедливи. Еден човек, како што нагласи, може да направи промена, но обединет народ може да испише историја и затоа кичевчани треба да се обединат без разлика на вера, етничка или партиска припадност.

Објавено на

часот

Сподели

„Од Александар чувте каква визија има за Кичево, кои се проектите кои ќе ги реализира од неговата програма. Но, јас ќе ви говорам за најважниот проект и за Александар и за Кичево. Тоа е заедништвото и обединувањето за развој на Кичево. Еден ланец е силен толку колку што е најслабата алка во него издржлива. Една гранка е кршлива, но сноп од дрвца и гранки е нскршлив. Мора да се обединиме околу заедништвото и да ги премостиме сите наши разлики и несогласувања и различни погледи. Овие избори се тој момент од чија одлука зависат генерации потоа. Ова е неповторлива можност да покажеме единство и разбирање што му треба и што е вистинското за Кичево“, рече Мицкоски.

Според него, во мултиетнички места нема ништо поважно од заедништво.

„Ако има поделби, партиски, етнички или верски, тоа е предуслов за неуспех на заедницата, но и општината. Мора да се обединиме сите без разлика на било каква припадност и да застанеме сложно во одбрана на своето место и за иднината на своето место. Сите да излеземе масовно на 19 октомври да го заокружиме бројот 9 за Александар да биде идниот градски татко на Кичево и на сите кичевчани“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Кичевчани, додаде, без разлика дали се Македонци, Албанци или останати се иселуваат. И едните и другите и третите, сите имаат тежок живот, сите сакаат подобра иднина. Сите, нагласи, имаат исти маки и ним не им се потребни поделби.

„Има луѓе кои изградија кариери на етнички теми. Цели партии се одржуваат на бранот на вештачко непријателство и нетрпеливост која се гради помеѓу кичевчани. Знам кога вака ќе ги соочите со вистината тешко е да ве погледаат во очи. Сите ние и вие не треба да наседнуваме на стапицата на дневните партиски препукувања, на романтичарските идеи кои не носат храна на трпезата и подобар живот. Тие кои постојано го прават тоа нема да имаат среќа ако нивниот народ е несреќен. Што ќе му е Зајас на Али ако тој е празен. Нема радост ниту во палатите, ниту во дворците ако преку оградата народот и соседите ти се гладни или раселени. Тоа го направи ДУИ за Албанците, ги испразни нивните места села градови. Ги расели со нивното дваесетгодишно владеење. Додека тој и неговите блиски се богатеа народот тонеше во сиромаштија“, рече Мицкоски.

Затоа, истакна тој, има дирекна порака до Албанците во кичевскиот крај.

„Излезете и погледнете ја празната куќа до вас, погледнете ја другата празна куќа до вас. Дали ќе ви се вратат внуците, дали ќе ви се вратат децата, затоа што и до ден денес 30, 40, 50 години потоа некој вози ролс-ројс и мајбах, нема тоа да ви ги врати, туку планот, визијата, стратегијата за иднината, богато Кичево, богата Македонија тоа ќе ги врати назад“, рече Мицкоски.

Тој истакна дека и како Влада работат за подобра Македонија во која подобро ќе живеат сите без разлика на било каква припадност.

„Тоа е таа Македонија што сакаме да ја создадеме. Македонија на заедништво слога и соживот. Македонија што пркоси на лагите и лажните обиди за поделби и националистички изливи кои се единствената тема на безидејни и корумпирани политичари. Во овие времиња кога многумина се обидуваат да не делат по етничкка верска или партиска линија ние мора да покажеме дека има нешто посилно од сите поделби, а тоа е обединувањето. Македонија не се брани со поделби, туку со единство, срце, чесност и заедничка визија“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Кога е тешко, потенцира тој, сите страдаме, кога победуваме сите се радуваме.

„Затоа нема напредок ако секој се бори сам за себе. Само ако сме заедно ќе имаме држава што ќе трае. Да се потсетиме на нашата историја. Колку пати сме биле малку, а сме победувале затоа што сме биле обединети и кога сме се бореле за слобода и кога сме ја граделе државата и кога сме ја чувале од неправди, секогаш кога сме биле едно сме биле непобедливи. Така треба и денес“, рече Мицкоски додавајќи дека еден човек може да направи промена, но, обединети може да испишеме историја.

На митингот во Кичево се обрати и генералниот секретар на партијата Ѓорѓија Сајкоски и кандидатот за градоначалник на Кичево Александар Јованвоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ