Вчера беше објавена информација за средба на директорот на Центарот за управување со кризи Мухамед Али, со директорот на Националниот парк „Маврово“, Харис Ибраими. „Националните паркови во Македонија претставуваат големо природно богатство, а нивната заштита од пожари е заедничка обврска за сите одговорни фактори. Ова лето, како и секоја година, неопходна е максимална посветеност за спречување на појава на пожари на територијата на националните паркови. Раното откривање и брзиот одговор значително го намалуваат ризикот од ширење на пожарите“, беше соопштено по средбата „посветена на заштитата на шумите и природните ресурси“.
На 30 јуни СВР Тетово поднесе кривична пријава против три лица, меѓу кои и Харис Ибраими (40) од Oпштина Маврово и Ростуше, директор во ЈУ „Национален парк Маврово“, за сторени две кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“ на штета на ЈУ „Национален парк Маврово“.
„Во текот на март и април, директорот на НП „Маврово“ ги пречекорил своите службени овластувања, така што со третопријавениот усно договорил вршење нелегална сеча на техничко дрво-ела во ЈУ „Национален парк Маврово“ на место викано Брана. За вонреден инспекциски надзор за наведената сеча бил задолжен второпријавениот. Харис Ибраими најпрво испратил барање до Државен инспекторат за шумарство и ловство, упатено до третопријавениот во кое побарал да биде извршена сеча на наведената локација за наводно оштетени стебла на ела од атмосферски влијанија.
Првопријавениот со повреда на законските прописи и со пропуштање на должен надзор врз второпријавениот овозможил да се изврши пустошење на заштитена шума во Националниот парк Маврово, без претходно да се објави оглас за сечата за истата да биде јавна и транспарентна“, пишува меѓу другото во соопштението на СВР Тетово.
Според информацијата од полицијата биле исечени вкупно 858,75 м3 повеќе кубатура од предвиденото, а штетата се проценува на 3.005.625 денари.






