петок, 5 декември 2025

Според британските медиуми, Македонија започнала преговори за прифаќање нелегални мигранти од Британија

Велика Британија би можела да ги депортира одбиените баратели на азил во Македонија според планот за отворање „центри за враќање“ на Балканот, објави попладнево британскиот весник Дејли мејл. Според весникот, Македонија и формално ги отпочнала разговорите со Велика Британија, а првите мигранти би требало да бидат прифатени есента 2026 година. Ваквиот развоја на настаните доаѓа откако во мај годинава и премиерот, Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт, Алкесандар Николоски негираа дека Македонија ќе прифати нелегални мигранти кои што не добиле азил во Велика Британија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Како што пишува весникот, според предлогот, Велика Британија би ѝ плаќала на Македонија за секој мигрант што ќе го прифати, покрај инвестирањето во земјата и „помагањето во нејзината безбедност од Русија“. Мигрантите потоа би имале можност да побараат азил во Македонија или да добијат работни визи за работа во сектори каде има недостиг од работна сила.

„Тие нема да бидат притворени и би имале можност да заминат кога сакаат. Користењето трета земја како центар за враќање би ѝ овозможило на Велика Британија да ги отстрани мигрантите кои доаѓаат од земји кои се сметаат за премногу небезбедни за да ги вратат назад, како што е Авганистан. Во моментов, мигрантите од овие земји можат безбедно да го преминат Ла Манш знаејќи дека нема да бидат вратени дома“, се наведува во написот на Дејли мејл.

Весникот уште пишува дека британскиот премиер Кир Стармер игра дволична улога, затоа што додека не беше премиер бил против ваквиот план на тогашниот премиер Борис Џонсон за депортирање на баратели на азил во Руанда, и за време на изборната кампања ветил дека наместо тоа ќе ги „разбие бандите што шверцуваат луѓе преку границите“.

„Но, со оглед на тоа што премините достигнаа рекордно високо ниво, премиерот оттогаш призна во писмо до претседателот Макрон дека сега ‘нема ефикасно одвраќање’ на мигрантите преку Ла Манш“, пишува Дејли мејл.

Македноскиот вицепремиер и министер за транспорт Александар Николоски во мај годинава, а пред потпишувањето на Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, изјави дека во договорот нема одредба за отворање мигрантски кампови.

„Најдобриот одговор го даде амбасадорот на Велика Британија дека нема таква работа. Секако дека со земјата ќе соработуваме во борбата против криминалот и корупцијата и борбата против миграцијата. Нема ништо друго освен ист договор како со Фронтекс. Кредибилитетот на британскиот амбасадор не смее никој да го спори. Најдобар демант за оваа тема се месеците и годините што доаѓаат пред нас“, изјави тогаш Николоски.

Во исто време и премиерот Христијан Мицкоски демантираше дека ќе се отвораат мигрантски кампови во Македонија. Тој на годишната конференција на Унијата на жение (УЖ) на ВМРО-ДПМНЕ, зборувајќи за Договорот со Обединетото Кралство, рече дека градење мигрантски кампови ниту му паднало на памет ниту било тоа побарано од него.

„Овој договор е мојот нов договор за Македонија по примерот на оној кој го обзнани американскиот претседател Рузвелт и кој е познат во историјата. Овој договор значи отворање на работни места, развој, напредок, многу нови инфраструктурни проекти, многу големи гигантски проекти какви што досега немало, инвестиции во железници преку брзи линии, автопатишта, болници, образование и други сектори. Ова е договор кој на Македонија ќе ѝ донесе пари за да работи и инвестира во својот напредок во вредност од шест милијарди евра“, изјави во мај годинава премиерот Мицкоски.

Запрашан за извештаите дека Велика Британија е во преговори со Македонија за враќање мигранти, портпаролот на британската Влада, Дејвид Парес, изјави дека Владата постојано изјавува дека нема да коментира за центрите за враќање на мигранти.

„Оваа Влада е јасна дека нема сребрен куршум. Но, наместо лажни решенија и празни трикови, ние ги засукуваме ракавите и преземаме сериозни мерки потребни за да ја обезбедиме безбедноста на границите што ја очекува јавноста“, изјави Парес, а пренесува Дејли мејл.

Велика Британија, исто така, е во преговори и со Косово за отворање на центри за враќање мигранти, откако Албанија и Босна и Херцеговина го одбија британскиот предлог.

Според податоците на британскиот весник, оваа година 39.292 мигранти со мали чамци стигнале во Велика Британија преку каналот Ла Манш, што е зголемување од 17 проценти во однос на минатата година.

Оваа бројка е втора највисока досега откако започна кризата пред седум години, по оние 45.700 мигранти кои дојдоа во Велика Британија во 2022 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ