петок, 6 јуни 2025

И во МПЦ-ОА недоразбирања за избор на нов владика на Дебарско-кичевската епархија

Испразнетото место митрополит на Дебарско-кичевската епархија и најавениот избор на нов митрополит ги разбрани духовите меѓу свештенството и верниците. По смртта на владиката Тимотеј, голем дел од верниците сметаа дека на тоа место треба да дојде епископот Партениј од Бигорскиот манастир. За утре се најавени и протести пред резиденцијата на поглаварот на МПЦ-ОА откако архиепископот Стефан го предложи новоизбраниот монах Георгиј за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија.

Објавено на

часот

Сподели

Овој предлог веќе бил испратен до членовите на Синодот, а изборот е закажан за 12 јуни. Отец Георгиј бил декан на Богословскиот факултет и ексамбасадор во Ватикан. Ѓоко Ѓоргевски беше замонашен на 27 мај, на 28 мај стана јероѓакон, по што стана и јеромонах. Изборот за епископ и митрополит е закажан за 12 јуни.

Со ваквиот избор на поглаварот на МПЦ-ОА не се согласуваат некои верници и свештеници, поддржувачи на Партениј. За утре е закажан протест против начинот на избор на митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Тие бараат епископот антаниски Партениј да биде кандидат за избор на митрополит. Црквата е народот, а народот има свој кандидат, велат тие. Протестот е закажан за утре во 12 часот пред резиденцијата на архиепископот г.г. Стефан. Верниците се незадоволни од начинот на избор на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Верниците бараат избор од повеќе кандидати, а за нив тоа е епископот Партениј кој имал 30 години монашко искуство.

Во Уставот на МПЦ-ОА, член 73 пишува: Епископ се избира од редот на монаштвото кој не е помлад од 30 и не е постар од 60 години, има богословско образование и го краси добар глас помеѓу верниците и свештенството.

За Светскиот македонски конгрес нема дилема дека јермонахот Георгиј треба да биде новиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија.

„Упатуваме семакедонска поддршка до Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Јустинијана Прва за избор на јеромонах Георгиј (проф.д-р Ѓоко Ѓорѓевски) за епископ на МПЦ-ОА и Јустинијана Прва и за митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Тој е редовен професор на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски” при универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје, каде што предава предмети од областа на Старозаветна теологија, вклучувајќи Библиска историја и археологија, Вовед во Стариот Завет и Егзегеза на Стариот Завет. Постдипломски студии завршил на Понтификалниот универзитет „Грегоријан” во Рим, Италија, каде што магистрирал и докторирал во областа на библиската теологија. Во периодот од 2010 до 2014 година Ѓорѓевски успешно ја извршувал функцијата амбасадор на Македонија при Светата Столица (Ватикан). Ѓорѓевски е автор на бројни научни трудови и книги. Во периодот од 2016 до 2023 година тој бил декан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски” во Скопје. Достоен е“, се вели во поддршката на СМК.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ