недела, 7 декември 2025

И после пет години нема судска разрешница за тужбата против Апасиев за незаконско преземање на партија, обвинуваат тужителите

И после пет години нема судска одлука дали се ништовни одлуките што претседателот на партијата Левица, Димитар Апасиев ги донел на своја рака, вели еден од членовите на Президиумот на партијата, Зоран Василески по вчерашното судско рочиште. Освен ова, дел од членовите на Президиумот го тужат Апасиев и за утврдување веродостојност на записници донесени согласно законите и статутот на Левица.

Објавено на

часот

Сподели

„Накратко, уште во мај 2021 година, првостепениот судија, одненадеж, без да образложи, го прифати предлогот на тужениот, Основниот граѓански суд Скопје да се огласи за ненадлежен и да ги упати тужителите во Управниот суд?! Против ова небулозно Решение веднаш поднесовме жалба, но на Апелациониот суд Скопје му требаа речиси две години да го заклучи она што би требало да го заклучи бруцош, дека партиите се доброволни организации – дека не се државни органи за нивните одлуки да бидат предмет на управен спор“, велат тужителите.

Тие тврдат дека биле потрошени четири години за нешто што требало да се одлучи уште на подготвителното рочиште.

„Во тие години, Димитар Апасиев се одмаздуваше кон тужителите, на начин што ангажираше адвокати кои ги плаќаше од партиската сметка, а тужеше и останати партиски другари во двоцифрен број предмети за измислени работи. Тие постапки, иако не се сѐ уште завршени, Димитар ги губи, една по една! Но најбитната постапка за која го имавме 12-то рочиште, сѐ уште е без епилог. Пократко не може да се опише бедата на парламентарната демократија во која правото на политичко и партиско организирање и дејствување, преку ноќ може да премине во изживување за кое никој нема да одговара, туку напротив, бива награден, унапреден и комотен да продолжи како и досега“, категорични се тужителите.

Сепак, тие се оптимисти и веруваат дека вистината и доказите се на нивна страна поради што очекуваат победа.

„Се надеваме дека судството ќе почне да ја враќа довербата која што во моментов е два отсто и со донесување законска пресуда по овој предмет она што беше направено на криминален начин ќе биде исправено на законит начин. Наше е да сме истрајни во оваа борба и да докажеме она што го знаеме ние, но да го знае и цела јавност дека ќе победиме во оваа постапка“, изјави Зоран василески еден од тужителите и член на Президиумот на Левица.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ