Од сета Ваша креативна работа, како прва асоцијација за Вас во последниве години се наметна доживувањето – „заштитник и промотор на македонска кирилица во дигиталниот свет“. Создадовте повеќе фонтови на македонската кирилица. Таа е важен елемент во создавањето и одржувањето на македонскиот национален идентитет. Колку е важно нејзиното присуство на коректен начин со специфичните карактеристики во дигиталниот свет?
– Писмото е еден од основните темели за постоењето на еден народ, на неговата култура, неговата писменост. Кирилицата, нашето автентично македонско писмо, ни овозможува да го напишеме сето она што го живееме, сето она што сакаме да остане како пишана трага за постоењето на нашата култура и цивилизација.
Замислете ја нашата култура без писмото, ќе немаше напишани македонски книги, македонски филмови, македонски песни… Писмото е неразделив дел од јазикот, тие не можат еден без друг, тие се како сонцето и месечината, се надополнуваат, како темнината и светлината, ако не постои едниот, не можете да го видите другиот. Ете токму затоа се од исклучителна важност почитувањето и правилното употребување на македонската кирилица и секако, нејзиното присуство во сите сфери на културното живеење.
Новиов, дигитален свет во кој живееме, отвори нови можности за нејзин развој, за нејзино вклопување во светските трендови. Жално е што тоа не нaидува на разбирање и поддршка од македонските официјални државни институции, кои се впрочем, по логиката на нештата, задолжени да го прават тоа.

Не застанавте на дигитализирање само на кирилицата, па во дигиталната современост ја воведовте и глаголицата. Дали сметате дека, на некој начин, на двете азбуки заслужни за одржувањето на македонскиот код низ вековите преку писменоста им давате нова енергија за новото дигитално време?
– Кирилицата е инспирирана од глаголицата, таа е неизоставен дел од нашата историја, генезата на македонската писменост. Преку проектот „Глаголица Нова“ се обидов да ја ревитализирам глаголицата на еден нов, дигитален начин, пред сè од љубопитност како таа ќе функционира во овој свет опседнат со виртуелни слики и со вештачка интелигенција.
Да, глаголицата функционира, Глаголица Нова ја сместив во карактерите на нашата денешна кирилица, дизајнирав неколку нови карактери што беа неопходни за максимална компатибилност и, ете, со Глаголица Нова можете да пишувате на компјутер сосема исто како и со кирилица. Тоа само ја докажува безвременската вредност на овие азбуки, го потврдува постоењето на нашиот народ, нашата нација, нашата писменост, со очигледни факти.
Од аспект на практиката, колку коректно се користи македонската кирилица во дигиталната комуникација и во комерцијалната употреба – од натписи на реклами, до имиња на индустриски производи?
– Жалам што морам да го кажам ова: македонската кирилица многу некоректно се користи во медиумите, чест на исклучоците.
Да започнеме од основата, од учебниците – македонската кирилица не е точно прикажана во учебниците за основно образование. Нашите деца од почетокот учат со грешки, азбуките што се претставени во учебниците содржат неправилно напишани букви, особено ракописните. Не му се обраќа доволно внимание на тоа како се напишани лекциите во учебниците, со каков фонт, стиловите на употребените фонтови се измешани, што како последица создава забуна кај учениците кој е вистинскиот изглед на нашите кирилични букви.
Натписите на рекламите, особено на социјалните мрежи, се тажна слика за непочитувањето на нашето писмо, повторно ќе речам, чест на исклучоците. Најмногу разочарува тоа што погрешно пишуваат установи и институции што всушност треба да бидат пример за правилно пишување, имаме типичен пример на таблата на влезот на училиштето „Кочо Рацин“ во Скопје, називот е напишан со бугарски/руски кирилични букви.
„Кока кола“ имаше цела кампања со персонализирани имиња на производите, исто така напишани со букви што не ѝ припаѓаат на нашата азбука. Тажно.

Се грижи ли Македонија доволно во практиката, како држава и општество, за опстојувањето на кирилицата?
– Не, воопшто. Тоа е резултат на тоа што немаме стандардизирана македонска кирилица, изглед што ќе биде верификуван и достапен за преземање во соодветните државни институции. Дигиталната технологија наложува нови правила во типографијата. Нашите институции ни оддалеку не се занимаваат со тоа, владее тотална незаинтересираност и како резултат на тоа ние, наместо да напредуваме и да ги искористиме можностите за развој на македонската кирилица, назадуваме.
Недоследностите во употребата на македонската кирилица се присутни насекаде околу нас, во сите медиуми, дури и во учебниците, што несомнено е поразителен факт што сам по себе зборува за односот на државата кон кирилицата, која заедно со јазикот е еден од основните темели на нашиот идентитет.
Веќе 15-тина години се надевам и се борам дека во овој поглед нешто ќе се промени, но напротив, станува уште полошо. Прво што треба државните институции да направат е да откупат соодветни уникод (unicode) броеви за сите наши кирилични букви што не се внесени во уникод-системот за дигитална идентификација на буквите. Со тоа би се овозможило кога ќе одбереме македонска тастатура во компјутерите, да пишуваме со наши, македонски кирилични букви.
Пред околу пет години писмено се обратив до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, понудив предлози со практични решенија за овие проблеми со кирилицата, но, за жал, не бев удостоен со никаков одговор.
Загрозено ли е кирилското писмо во реалниот и дигиталниот свет? Што го загрозува?
– Не, погрешно го нарекувате, нашето писмо не е „кирилско“, нашето писмо е кирилично. Да, би рекол дека е загрозено и уште поточно, заразено, од незнаење, од непочитување.
Најмногу е загрозено од самите нас, од нашето игнорирање, од нашата „нељубов“ кон него, кон она што е наше, автентично, карактеристично, она со кое треба де се гордееме ние го игнорираме, го потценуваме. И покрај сè, македонската кирилица опстојува, затоа што е многу едноставна, совршено приспособена на јазикот, секој глас има своја буква, со 31 буква можете да го напишете сето она што ќе го изговорите.
Нашата кирилица содржи буква што е единствена во светот, која ја нема во ниедна друга светска кирилица, тоа е малата ракописна буква „ѓ“, зборувам за нејзиниот графички изглед. Преостанува нашето кирилично писмо да го приспособиме на современите стандарди во дигиталната технологија, која завладеа со светот, во секој поглед. За жал, нашите институции немаат чувство ниту пак некаков интерес и желба да го направат тоа, и уште помалку—КАКО?
Во основа, како професионалец, Вие сте графички дизајнер. Го имате работено дизајнот на банкнотите од 200 и 2000 денари. Каков беше предизвикот да се остави уметнички отпечаток на нешто толку материјално како парите?
– Многу интересен. Жал ми е што на конкурсот за изработка на дизајнот на овие банкноти имаше ограничувачки моменти, поточно, се бараше банкнотите да бидат изработени во стилот на постојните, што донекаде е сосема разбирливо, но, од дизајнерски аспект, не ви овозможува да го дадете најдоброто од себе, без ограничување. Најдобрите дела се резултат на слободата, на вашата имагинација надополнета со технологијата, а кога тоа го немате, кога сте принудени да се движите во стриктно поставени рамки, резултатот е дело што ги исполнува сите стандарди, но му недостига онаа нишка што ќе ја претстави оригиналната визуелизирана мисла на творецот.
Мило ми е што дизајнот на овие банкноти содржи елементи што достојно го презентираат македонското културно наследство, на еден чист, визуелно препознатлив начин. Се гордеам со овој проект, малку е познато дека во него учествуваше и мојот син, Томи, во дизајнот на овие банкноти ги има и нашите скриени потписи, кои само ние двајцата знаеме каде се сместени.

Последниве години во македонскиот општествен амбиент е засилено чувството на политичка загрозеност на македонскиот јазик, неговото кирилско писмо, а преку нив и на македонскиот национален идентитет преку предлог-преговарачката рамка за ЕУ, т.н. француски предлог. Реален ли е стравот за македонскиот јазик, македонската кирилица и идентитет во ЕУ? Имаме ли волја и знаење да ги заштитиме?
– Најпрво би сакал да повторно да потенцирам дека воопшто не се согласувам со изразот „кирилско“ за нашето писмо. Според мене, нашето писмо не е „кирилско“ туку кирилично, ние пишуваме на кирилица, како што други јазични подрачја пишуваат на латиница. Според мене „кирилично“ е многу поширок и посоодветен поим од „кирилско“, овој израз звучи како да пишуваме со писмото на еден човек – Кирил, со цела почит кон неговото дело, ние пишуваме со писмото што според него е наречено кирилица, нашите фонтови се кирилични, а не „кирилски“.
Инаку, додека постои светот, ќе постојат и буквите, бидејќи тие се, како и јазикот, основно средство за комуникација меѓу луѓето. Македонскиот јазик, со тоа и писмото, нема од што да се плаши, додека постојат Македонци ќе постојат и јазикот и писмото. Тие се составен дел од нас, од нашето битие, ниту ЕУ, ниту некакви непристојни предлози не можат да ги уништат или да ги заменат со нешто друго, неприродно, несоодветно.
Типичен пример за тоа е насилно и со принуда наметнатата грда придавка на името на нашата држава, но сведоци сме дека тоа не е прифатено во народот, а народот ја сочинува државата. Него го користат најмногу странските претставници, кои мораат да го употребуваат, но немаат чувство што значи тоа за нас, дека нè навредува. Или пак, некои домашни послушници што на тој начин сакаат да им се додворат на истите тие странски претставници што сакаат нам да ни наметнат нешто што, кога истото би побарале да го направат во сопствените држави од кои доаѓаат, би било апсолутно неприфатливо.
Што би била Македонија без јазик и писмо? Имагинарна, безлична творба. Јазикот и писмото, македонската кирилица, се впишани во македонскиот генетски код, постојат и ќе опстојат, тие се бескрајна, безвременска приказна. И покрај сè, и покрај проблемите со кои секојдневно се соочуваме, ние сепак глаголиме и кирилиме, на македонски.
Јасминка Павловска






