петок, 27 март 2026

И по Преспанскиот договор: Учењето македонски јазик во Грција – непожелно, грчкиот во Македонија – без возбуда

Неодамна на социјалните мрежи беа забележани честитки за отворање нова школа за изучување грчки јазик во Македонија, односно отворање на јазично училиште во Скопје, откако претходно било отворено во Битола.

Објавено на

часот

Сподели

Честитките се од Панмакедонската ацоцијација (најверојатно од Грција), која за Македонија не го користи дури ни името наметнато со Преспанскиот договор, туку земјава ја нарекува „Вардарија“ или „Скопион“, како и од профилот на „Грците во Северна Македонија“. Честитките за новото училиште за грчки јазик од профилот на Грците во Македонија, сепак се покоректни, посакувајќи му успех на сопственикот во „промоцијата на грчкиот јазик и зближувањето на нашите народи“.

Во интерес на вистината, ваквите настани за отворање училишта за странски јазици, па и на грчки јазик, во Македонија не се никаква сензација и ексклузивност. Напротив, таквите иницијативи секогаш биле поддржани од општеството и средината, за секој што покажува интерес да ги изучува јазиците, вклучително и грчкиот јазик. Така било отсекогаш и пред контроверзниот Преспански договор, со кој се смени уставното име на државата Македонија на кое беше додадена географска одредница, ( во име на забрзување на евроатланските и европските интеграции на земјава ), но тоа очигледно го смени антагонизмот во грчкото општество спрема македонскиот јазик, македонскиот национален и етнички идентитет, како во државата Македонија, така и спрема македонското малцинство кое живее во Грција.

За разлика од слободата за изучување на грчкиот јазик во Македонија, дури и во време на најголемото политичко и економско ембарго од страна на Грција, по прогласувањето на македонската државна независност, пред 35 години, секој обид во Грција да се изучува македонскиот јазик, макар и онлајн и понатаму се сосекува до корен.

 

Неколку години по потпишувањето на Преспанскиот договор (2018 година), во 2022, во Лерин, Грција беше направен обид за регистрација на Центар за македонски јазик. Седиштето на центарот беше во Лерин и неговата регистрација беше официјално одобрена на 27 јули 2022 година од тамошниот Основен суд. Организацијата имаше за цел да понуди бесплатни курсеви за македонски јазик, онлајн и се залагаше за воведување на македонскиот јазик во јавното образование во Грција и за признавање на македонскиот јазик како малцински јазик во земјата. Како други активности што ги планираше центарот беше поддршка за обука на наставници по македонски јазик, документирање на локалните македонски дијалекти и следење на кршењата на човековите права против говорниците на македонски јазик.

Регистрацијата на Центарот за македонски јазик, од тогашната влада на Македонија, т.е. од тогашниот премиер Зоран Заев, беше поздравена и истакнувана како „еден од плодовите на Преспанскиот договор од 2018 година и потврда за блиските односи меѓу двете земји“. Не беше пропуштено ни заблагодарување на тогашниот премиер на Грција, Киријакос Мицотакис, и на неговиот претходник Алексис Ципрас, „за напорите направени за подобрување на односите со Македонија во годините пред формирањето на центарот“.

Но набрзо по регистрацијата на центарот, јавниот обвинител на регионалната единица Лерин, политичките партии и културните и крајно десничарските организации поднесоа неколку тужби и барања, со кои бараа поништување на регистрацијата на центарот. Овие барања, првично беа одбиени од страна на првостепениот суд во Лерин. Тогаш и Центарот за македонски јазик во Грција изрази големо задоволство од ова и од очигледната промена, според него, што ценеа дека се случува во грчкото правосудство, по децении противење на постоењето на организации од ваков вид во земјата.

Сепак, „изразите на задоволство“ беа набрзо осуетени од едночлениот Апелациски суд во Кожани, кој подоцна, во август 2024 година ги поништи претходните судски одлуки во врска со функционирањето на центарот. Македонските власти, т.е. тогаш новиот премиер Христијан Мицкоски таа одлука Апелацискиот суд во Кожани ја оцени како грчки обид за „провокација“, додека основачите на центарот изјавија дека ќе поднесат жалба против неа, како пред грчките правосудни институции, така и пред Европскиот суд за човекови права.

Но актуелниот епилог е дека денес, една и пол година по одлуката за укинување на Центарот за македонски јазик во Лерин, Грција – тој е нефункционален, додека во Македонија школите за грчки јазик се појава која е поздравена, без никакви негативни реакции во општеството. За жал, ваквата компарирана ситуација, на секојдневен план ја илустрира асиметричноста и контроверзноста на Преспанскиот договор, кој не ѝ донесе никакви особени политички придобивки на Македонија, но не го промени ни односот на Грција во контекст на почитување на основните човекови права на малцинствата во нејзините државни рамки, како во општеството, така и во институциите ( судовите). Напротив, Преспанскиот договор, стана „инспирација“ и модел за уценување во процесот на проширување на Европската Унија, од страна на земјите-членки спрема земјите-кандидати, што набрзо го примени и Бугарија спрема Македонија.

     Ј.П.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ