Во пријавата на Панчевски поднесена денеска до Собранието се наведува дека тој ги исполнува сите законски услови за извршување на функцијата државен јавен обвинител.
„Во прилог до надлежните органи доставил целосна предлог-документација и докази за исполнување на општите услови утврдени во член 61 од Законот за Јавното обвинителство, како и докази за исполнување на посебните услови од член 62 став 1 алинеја 1 од овој закон“, се наведува во пријавата од Панчевски до Собранието.
Апелацискиот суд од Скопје во јуни 2022 година му ја потврди затворска казна на експретседателот на Основен суд Скопје 1, Владимир Панчевски од две и пол години затвор за кривичното дело злоупотреба на службена должност.
Панчевски беше обвинет дека како претседател на скопскиот Кривичен суд го злоупотребувал системот за електронско распределување на предмети, познат како АКМИС, со што одлучувал кој судија ќе суди предмет на СЈО. Првостепената пресуда за овој предмет во Основен суд Велес беше три и пол години затвор, кој скопска Апелација ја преиначи во две и пол години.
Љупчо Коцевски во декември лани поднесе неотповиклива оставка на функцијата државен јавен обвинител. До изборот на нов за вршител на должноста е избрана Анита Тополова-Исајловска, досегашен заменик-републички јавен обвинител.
Досега најава за пријавување за функцијата најави и поранешниот виш јавен обвинител на скопското Вишо јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.






