Неговите сограѓани од Маџари изразија незадоволство што досега беа игнорирани и му ги изнесоа барањата веднаш да престане одложувањето на отпад и да вети целосно затворање и обезбедување на целиот простор на депонијата уште утре. Градоначалникот рече дека се согласува со нив и дека негов став е да се стави крај на депонијата и таа да стане минато. За тајминзите не се изјасни конкретно. Стефковски замоли да не биде сниман од иницијаторите, но по протестот и блокадата на крстосницата кај Кванташки Пазар тој објави фотографии на Фејсбук.
Во исто време, од 18 до 19 часот на крстосницата пред мостот Близнак во Аеродром се одржуваше протест со блокада на сообраќајот. Беше кажано дека до надлежните институции се доставени приговори поради недобивањето одговори на двете поднесени писмени барања поврзни со преземање итни мерки за затворање на Вардариште кое го загадува воздухот. Од Стоп за Вардариште најавија учество на свои претставници на Скопскиот маратон в недела со цел да се анимира пошироката јавност за проблемите што ги создава депонијата.
Инаку, од пред една недела во постојана комуникација со иницијаторите на протестот во Аеродром е градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески, кој на два пати беше присутен на протестот. Тој ветува дека иако депонијата е во Гази Баба дека ќе се залага пред надлежните институции за брзо решавање на проблемот.
Од Стоп за Вардариште вечерва им искажаа признание на полицајците за нивната коректност и професионалност при секојдневното обезбедување на протестот. На граѓаните на Скопје им беше порачано дека жалат што со блокадите на сообраќајот им создаваат проблеми, но им испратија и порака дека целта е голема – притисок врз институциите за конечно да се дише почист воздух.
П.Џ.






