Портпаролот на француското министерство за Европа и надворешни работи Паскал Конфавре во изјавата, која ја даде вчера, а денеска ја пренесува Амбасадата на Франција во Скопје, нагласува дека овој потпис сведочи за посветеноста на двете држави во прилог на регионалната интеграција и безбедноста на Балканот.
„Франција го поздравува денешното потпишување на договорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, кој се однесува на изградбата на прекуграничен железнички тунел. Оваа стратешка инфраструктура е дел од проектот за развој на трансевропскиот коридор 8, кој ги поврзува Јадранското и Црното Море. Овој потпис сведочи за посветеноста на Бугарија и Северна Македонија во прилог на регионалната интеграција и безбедноста на Балканот“, нагласи Конфавре.
Тој дополни и дека овој договор сведочи и за способноста на, како што рече, „нашите два сојузника да го пронајдат патот на доверлив и плоден дијалог, што Франција целосно го поддржува, особено во перспектива на пристапувањето на Северна Македонија и на Западен Балкан во Европската Унија“.
Македонија и Бугарија се обврзаа на активности за изградбата на железничкиот тунел на коридорот 8 со вчерашното потпишување на Договорот.
Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, 1.189,30 метри на македонска територија, а 1.193,70 метри на бугарска.
Николоски и Грозданов вчера го истакнаа значењето на поврзувањето, а претставниците на Европската комисија изразија задоволство што двете страни го исполнуваат договореното од состанокот во јули во Брисел за откочување на проектот, но порачаа дека очекуваат навремена реализација.
Вицепремиерот Николоски вети посветеност и напорна работа за железничкото поврзување од македонска страна, кое рече дека ќе чини 810 милиони евра. Од трите планирани делници, првата е готова, втората е во изградба, а за третата најави дека следниот месец ќе се распише тендер за изведувач.
Потпишувањето на Договорот вчера го позадравија и функционерите од Брисел, Антонио Кошта и Марта Кос.






