Република Турција на барање на властите на Македонија испрати помош во два авиони и еден хеликоптер за гаснење на пожарите во земјава, потврди денеска турскиот амбасадор Фатих Улусој.
„Врз основа на барањето на Владата на Република Северна Македонија, вчера во попладневните часови интервениравме брзо и два авиони и еден хеликоптер веќе се стигнати со цел да се борат против пожарите. Ние стоиме секогаш до наша братска и пријателска Северна Македонија и во добри и во тешки денови“, рече амбасадорот Улусој на церемонијата по повод 15 јули – Денот на демократијата и националното единство, која што денеска ја приреди во турската амбасада.
Двата турски „ер трактори“ заедно со два „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување ќе интервенираат на пожарот во општина Ново Село, еден полициски хеликоптер рано утрово веќе започнал со гасење на пожарот на планината Серта, а набргу на него се очекува да му се приклучи и еден армиски хеликоптер и турскиот хеликоптер.
На 15 јули 2016 година во Турција се случи неуспешен обид за државен удар започнат од група воени службеници во кој загинаа над 250 лица, а над 2.000 беа повредени.






