сабота, 12 јули 2025

Хрватска ќе продолжи силно да ја поддржува Македонија, која заслужува членство во ЕУ, напиша Пленковиќ

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ преку објава на платформата Икс информираше дека имал телефонски разговор со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

Објавено на

часот

Сподели

„Со премиерот Христијан Мицкоски разговарав за понатамошната динамика на европскиот пат на Северна Македонија, за претстојниот Извештај на Европскиот парламент за напредокот и состојбата во Југоисточна Европа. Хрватска ќе продолжи силно да ја поддржува Северна Македонија, која заслужува членство во ЕУ“, напиша Пленковиќ на социјалната мрежа.

Овој став доаѓа во пресрет на новиот извештај на Европскиот парламент за земјите од Западен Балкан, каде што ќе се оценува напредокот на секоја држава на патот кон Европската Унија.

Поддршката од Хрватска, која е членка на ЕУ од 2013 година, се смета за значајна во дипломатските напори на Македонија за приближување кон европското семејство.

Мицкоски потврди дека денеска разговарал телефонски со хрватскиот премиер Пленковиќ и рече дека неговиот колега уште еднаш потврдил дека Хрватска е докажан пријател на Македонија.

„Имав телефонски разговор со премиерот на Република Хрватска. Во пресрет на извештајот на Европскиот парламент, продолжувам да ги користам сите контакти за да ја раскажам македонската вистина – за нашиот напредок, за вредностите што ги браниме и за иднината што ја заслужуваме. Хрватска е докажан пријател на нашата држава, а нејзината гласна поддршка во клучни моменти претставува голем поттик и охрабрување за сите нас. Македонија заслужува членство во Европската Унија, но со крената глава“, напиша Мицкоски на Икс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ