сабота, 6 декември 2025

Христијан Мицкоски е старо-новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Христијан Мицкоски доби трет мандат од делегатите на 18. партиски конгрес да ја води ВМРО-ДПМНЕ во наредните четири години што, според статутот на партијата, ќе биде негов последен мандат. Според Зоранчо Јованчев, претседател на Изборната комсија, од 817 присутни делегати, 804 гласале и дале поддршка за нов мандат на Мицкоски. Тој беше единствен кандидат за функцијата. На луѓето од неговата партија им порача дека во функциите што ги заземаат влегуваат со нивната чест и углед. На конгресот, кој се одржа под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, беа усвоени два политички документи, Стратегијата 2025–2030 и Доктрина.

Објавено на

часот

Сподели

Во обраќањето пред присутните по реизборот, ицкоски рече дека тој денеска не добил само реизбор како претседател на ВМРО-ДПМНЕ туку дека денеска победила идејата.

„Победи патот што го трасираме за Македонија. Честа е голема и обврската и долгот кон доделената задача уште поголема“, истакна Мицкоски откако попладнево на партискиот конгрес што се одржува во Кавадарци беше реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што рече пред делегатите на конгресот, „се потврди и недвосмислено зајакна решителноста да излеземе од кругот на стравот, поделбите, ниските амбиции и политичките навики што ја влечеа државата назад“.

„Ви благодарам за довербата. Ова не е лесен товар, но е товар што го прифаќам со мир. Со мир затоа што знам дека не го носам сам. Донесовме документи кои се иднината на оваа партија и кои треба да ја обноват вербата во политиката и да покажат дека со стратегија и план резултатите се на дофат и иднината е гарантирана“, рече Мицкоски нагласувајќи дека конгресот е важен и поради усвојувањето на стратегијата и доктрината со кои, како што рече, „создадовме нешто повеќе од политички документи – создадовме национален патоказ“.

Според Мицкоски, „Македонија премногу долго беше научена да се гледа себе низ очите на другите и според туѓи очекувања, а тој  отсекогаш сакал да знае како ќе изгледа Македонија кога ќе почне да верува во себе?“

„Верзијата што не се извинува за своето постоење, што знае што сака и оди по тоа со трпение, дисциплина и визија. За мене ВМРО-ДПМНЕ секогаш било една голема идеја, но и емоција која ги содржи сите наши историски пориви врзани со нашата татковина. Ви благодарам за доделената доверба. Ви се поклонувам на вашата решеност, лојалност и огромна доверба. Имаме работа пред нас“, истакна Мицкоски.

За Стратегијата и Доктрината рече дека се завет пред нацијата да се дојде до верзијата на Македонија со која таа „ќе нема комплекс на мала земја, туку достоинство на стара цивилизација“.

„Тоа не е обичен документ. Тоа е национален договор и рамката што ја става Македонија во европската иднина без да ја загуби својата историска вертикала … И јас ви ветувам – никој нема да го прекрши тој договор. Ниту јас, ниту Владата. Ниту кој било што ја носи одговорноста. Влегуваме во ново поглавје, со нови задачи каде што целта е да ги решиме најгорливите прашања за граѓаните. Ова е мандат во кој партијата мора да го вложи целиот свој потенцијал во изградба на систем кој е функционален и систем кој мора да им служи на граѓаните … Најважната задача која пред себе ја имаме е да го подобриме животот на граѓаните. Свесен сум дека нашиот народ живее тешко. Ние изминатите нешто повеќе од година и половина ги посветивме на изградба на темели кои ги затекавме разрушени. Но, од годината што следи нашата основна задача е жилава борба за стандардот на граѓаните“, истакна Мицкоски во обраќањето по повод реизборот за партиски лидер.

Кажа дека младите треба „да ја добијат вистинската шанса која нема да зависи од политичката или каква било друга припадност, освен од спствените капацитети и способности“. Мора да го подобриме, рече тој,  образованието како најсигурен клуч за излез од сиромаштијата, да се раздвижи економијата дополнително и да се поддржат  домашните компании „затоа што тие се ‘рбетот на стопанството“.

„Имаме тешка задача да се бориме против нашето исчезнување како држава и народ, а тоа е демографијата и намалениот наталитет. Радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња, но далеку сме од она што треба да биде вистински мотор на општеството, човечкиот фактор. И затоа треба да работиме на системски мерки и решенија“, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Порача дека претстои работа и оти денес не зборуваат за четири години власт, туку за четириесет години иднина.

„Секој што ја предводи оваа партија мора да ја разбере вистината што често ја забораваме: Македонија не пропаѓала од слабости, туку од мали амбиции. Од политичари што мислеле за следниот говор, а не за следната генерација. Од влади што правеле пријатели, но не и институции. Од системи кои се одржувале на импровизација, а не на дисциплина. Затоа јас денес не зборувам само како партиски претседател, туку како човек што длабоко верува дека Македонија може да стане држава што ќе се изучува како успешен пример: како мала земја што исправено ја поминала кризата, што ги затворила старите рани, што создала нова политичка култура, што не се срами од својот идентитет, што покажа дека модерноста и традицијата можат да одат заедно. Нашата генерација мора да ја има храброста да гледа таму каде другите гледале само ограничувања. Мора да има визија да гради таму каде другите гледале непроодност“, истакна Мицкоски.

Порача дека  негова должност е да работи на остварувањето на визијата за стабилна и просперитена Македонија. Затоа во овој мој последен мандат, рече,  нема да работи за да остане претседател туку за да создаде генерација што ќе биде подобра од него и најдобра за Македонија.

На луѓето од неговата партија, пак, им порача дека во функциите што ги земаат влегуваат со нивната чест и углед.

„И многу е важно по што ќе ве запаметат и како ќе излезете во политиката која морам да признаам дека е една валкана арена на многу нечесни игри.  Таквата перцепција ја прават токму оние кои на политиката гледаат како алатка за исполнување на свои лични интереси, а не за напредок и заедничко добро … Ниту една функција во партијата не е од Бога дадена или од дома донесена. Никој функционер не е вечен и мора да има одговорност кон членството и кон самите себе. Не заборавајте од каде почнавте и од каде дојдовте“. рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека заедно постигнале многу за краток период и ги исполнуваат очекувањата на народот.

Соопшти дека во наредниот шестмесечен период ќе има реформи и кадровски освежувања во сите структури на партијата – од Извршниот комитет се до општинските и месните комитети.

„На ВМРО-ДПМНЕ му е потребна новата генерација што треба да се роди во наредниот четиригодишен мандат. Генерација која ќе изгради од желбата и поривот да се гради татковината, која ќе ја следи и гради стратегијата што ќе обезбеди стабилно и победничко ВМРО-ДПМНЕ и силна иднина за нашата татковина Македонија“, рече Мицкоски.

Упати порака, како што рече, „до сите што мислат дека да се биде претседател на ВМРО ДПМНЕ е награда, титула или привилегија“.

„Кој мисли дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се станува лесно – се излажал. Кој мисли дека функцијата се наследува заради блискост или по случаен пат, со плетење мрежи и со неконзистентност – погрешил. Кој мисли дека довчерашните субјективни заслуги ќе му донесат утрешна награда – не ја разбрал оваа партија“, рече Мицкоски.

Кажа и дека неговиот наследник ќе биде „човек со ’рбет, со интегритет, со дисциплина и фокус“.

„Ќе биде човек што знае да ја носи тежината на државата. Што знае да издржи. Што знае да прости. Што знае да биде чесен и кога боли и кога сите се откажуваат од него затоа што во моментот им е така опортуно да прават. Наследникот мора да биде човек што ќе знае дека партијата е поголема од него, а не човек што мисли дека е поголем од партијата“, истакна Мицкоски и дека  мора да биде човек што ќе може да ја води Македонија – не во 2025 година, туку во 2050 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ