На средбата, како што информираат од МЖСПП, било истакнато дека Европската Унија останува силно посветена на зачувување на Преспа паркот преку нови и засилени активности насочени кон заштита на неговиот уникатен екосистем. Преспа била оценета како природно богатство од исклучително значење за целиот регион.
Министерот Хоџа изразил благодарност за континуираната поддршка од Европската Унија и ја нагласил важноста од понатамошно унапредување на соработката за обезбедување долгорочна заштита и одржлив развој. Амбасадорот Рокас, пак, посочил дека заштитата на животната средина е клучен приоритет во европската агенда и ја истакнал Преспа како пример за успешна прекугранична соработка.
Двајцата соговорници се согласиле дека преку заеднички напори може да се придонесе за зачувување на природното и културното наследство и за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните од овој регион.
Од Министерството за животна средина посочуваат дека Европската Унија ќе продолжи да инвестира во иницијативи за долгорочна заштита, а во рамките на програмите како „ЕУ за Преспа“ се реализираат проекти за заштита на биодиверзитетот, одржливо управување со природните ресурси, водите и отпадот, како и за поттикнување на локалниот економски развој.






