„Работиме на подготовка на документација, која очекуваме многу бргу да биде готова и да биде објавен повикот за да се избере економски оператор, кој ќе ја почне изградбата на регионалните депонии во Новаци и во Русино“, изјави министерот Хоџа.
Тој заедно со заменик-министерката за транспорт и врски, Калтрина Зеколи-Шаќири, денеска беше на увид на изведбата на проектите во општината, кои се изведуваат со поддршка на двете ресорни министерства.
„Очекуваме 2026 година да биде клучна година кога зборуваме за регионалните депонии. Првата фаза, распределба на опрема за комуналните претпријатија, е во тек, се подготвува документацијата и многу бргу треба да биде објавен јавниот повик за економски оператор, што ќе значи почеток на изградбата на регионалните центри, за југозападниот дел во Новаци, за источниот во Русино“, рече Хоџа.
На прашањето што со палењето на депониите, министерот Хоџа рече дека сега тие се грижа на општините, кои треба да соработуваат со институциите.
„Тука сме во тесна соработка со сите институции, вклучувајќи ги и нашето Министерство и општините. Дивите депонии се под ингеренции на општинските власти. Но ние паралелно работиме за подготовка на документацијата, објава на јавниот повик и изградба на регионалните центри за собирање на отпадот, бидејќи со изградбата на регионалните центри за отпад, ќе ставиме крај на дивите депони. Со проектот ќе се знае собирањето и префрлањето на отпадот во еден регионален центар“, рече министерот Хоџа.
Според него, во инвестирањето во животната средина и комуналната инфраструктура не се заборавени ниту помалите општини. Има рамномерен развој. Во Долнени веќе се реализира проектот за реконструкција и регулација на речното корито во Дебреште. Ова е инвестиција од околу 11,8 милиони денари, преку „Унгарски кредит 2“. Министерството учествува со речиси половина од средствата, 5.792.804 денари.
Паралелно, започната е и реализацијата на доводниот цевковод за водоснабдување од регионалниот систем „Студенчица“ кон повеќе населени места:Црнилиште, Слепче, Браилово и Десово. Договорот е потпишан, работите се одвиваат на терен. Со овој проект се обезбедува сигурно и квалитетно водоснабдување за граѓаните. Општина Долнени веќе доби дел од опремата, 2000 канти и 50 контејнери. До октомври 2026 година ќе следува и испорака на специјализирани возила.
Министерството за транспорт и врски учествува во изградрадбата на патната инфраструктура.
„За Долнени, од Министерството за транспорт и врски се доделени вкупно 15 проекти во вкупна вредност од 2,1 милиона евра. Неколку проекти од првиот повик веќе се завршени, а денес сум во Долнени на увид на три проекти, за Дебреште, Црнилиште и за Десово, и станува збор за реконструкција на локални патишта и секој од трите зафати е во вредност од 300.000 евра – изјави заменик-министерката за транспорт“, Калтрина Зеколи-Шаќири.






