Истовремено, информираат дека целосно се ставаат на располагање на семејствата на настраданите кои имаат потреба од добивање на правни совети и помош. За таа цел, велат од Хелсиншкиот комитет, можат да се обратат на телефонскиот број +389 2 3119 073.
„Во периодот што следува Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе ја следи истрагата и постапувањето на надлежните институции. Од тие причини очекуваме транспарентност и информирање за преземените дејствија и утврдената фактичка состојба“, најавуваат оттаму.
Од Хелсиншкиот комитет очекуваат за утврдените незаконитости да следува соодветна одговорност за сторителите и апелираат политичките партии да се воздржат од меѓусебни обвинувања и да се стават во функција на јавниот интерес, бидејќи, како што велат, сега е време да се покаже одговорност и солидарност.
Сочувство до семејствата на загинатите изрази и народниот правобранител и апелира до сите институции максимално професионално, брзо и ефикасно да ја спроведат истрагата, со цел, како што вели, овој немил настан да не остане без правна завршница. Најавува дека ќе биде отворен предмет по сопствена иницијатива во рамките на неговите овластувања во врска со овој трагичен настан.
„Народниот правобранител изразува најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите во трагичниот настан во Кочани, каде при одржување на концерт, во објект кој ни најмалку не наликува на дискотека, животот го загубија 59 лица, од кои најголемиот дел деца и млади. Во овие тешки и траорни моменти нема зборови на утеха за родителите кои ги изгубија своите потомци. Во оваа незапаметена трагедија згаснаа животите на млади лица кои требаше да ја претставуваат иднината на нашата држава и да бидат нашата гордост. За неколку минути, во неделата, изгубивме една цела генерација, некои од нив на прагот на полнолетството, некои идни доктори, правници, иформатичари“…, се вели во соопштението од неговата канцеларија.
Тој апелира до сите институции максимално професионално, брзо и ефикасно да ја спроведат истрагата, со цел овој немил настан да не остане без правна завршница. Впрочем, нагласува, само темелна истрага во која ќе се утврди одговорноста на секој инволвиран во овој трагичен настан ќе претставува доказ дека правната држава функционира и дека сите кои се ставиле над законите и прописите соодветно ќе одговарааат.
„Ваква трагедија никако не смее да остане нерасчистена до крај, затоа што неказнивоста и отсусутво на фукционирање на институциите на системот во изминатиот период доведе до состојба вакви трагични настани да ни се повторуваат“, истакнува Народниот правобранител.
Од Канццеларијата на народниот правобранилет најавуваат дека ќе отворат предмет по сопствена иницијатива, со цел, во рамките на неговите овластувања, да ги согледа сите околности на случајот, поточно да утврди дали, кога и како надлежните постапувале во врска со проверка на законитоста на работењето на фирмата која стопанисувала со објектот, од повеќе аспекти.
Во оваа прилика, народниот правобранител на сите повредени лица им посакува брзо и успешно опоравување.






