Електричната енергија што ја произведуваат овие две хидроелектрани, кои се дел од хидроенергетскиот систем „Црн Дрим“, ги покрива потребите на Дебарскиот и на Охридско-струшкиот Регион, сè до Ресен. Иако не работат 24 часа непрекинато, сепак имаат многу значајна системска улога како регулациски (балансни) електрани во македонскиот електроенергетски систм, односно, како што појасни за МИА директорот на институцијата, Гоце Божиновски, доктор на технички науки, таа улога е еднакво важна, а честопати и поважна од нивното годишно производство.
ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпилје“, според него, имаат стратешка улога како брза резерва на ЕСМ и практично дејствуваат како енергетски амортизери на електроенергетскиот систем на државата. Тие, нагласи Божиновски, често не работат енергетски оптимално, чуваат вода за критични часови и потреби, а со тоа ја обезбедуваат стабилноста на електроенергетскиот систем. Клучни се во услови на фотоволтаици и ветер, увозно зависен систем и регионални пореметувања.
„Нивната вистинска вредност не е само во количината произведени мегават-часови, туку и во нивната брзина и количината во мегавати и во минути испорачани во системот. ХЕ ‘Глобочица’ и ХЕ ‘Шпилје’ се стожер на балансот во македонскиот електроенергетски систем и имаат клучна улога во: баланс на активна моќност, стабилизација на фреквенцијата, напонска регулација, интеграција на обновливи извори, а без нив системот би бил, поскап, поувозно зависен и значително понестабилен. Хидроелектраните работат во периодите кога има вода и кога е најпотребно, односно за покривање на дневните енергетски потреби, како и кога електричната енергија е најскапа и кога треба да се балансира електроенергетскиот систем на државата. Просечно работат речиси 5.000 часа во текот на една година“, вели Божиновски.
Улогата на климатските промени во производството на електрична енергија
Климатските промени имаат големо влијание во однос на производството на електрична енергија, што особено се чуствува во последната деценија. Нивото на Охридското Езеро се намалува, со тоа се намалува и водостојот во вештачките акумулации.
„Во последната деценија имаме значително послаби дотеци на вода во Охридското, Глобочичкото и во Дебарското Езеро, односно на целиот хидроенергетски систем „Црн Дрим“. Периодот од 2019 до 2025 година се смета за исклучително сушен, со потпросечно производство, кое е намалено за 20 проценти во однос на повеќедеценискиот просек. Температурните разлики и флуктуациите на нивото на Охридското Езеро, како најголем извор на вода за производство на електрична енергија, сè повеќе се чувствуваат“, истакна Божиновски.
Високото ниво на акумулациите ветува добра енергетска година
Во наредниот период, според него, се очекува помало производство на струја од овој хидросистем, но со оглед на тоа што годината почна со поволни хидролошки услови, планираните очекувања на производство на електрична енергија за 2026 година се блиску до просекот.
„Во изминатата година произведовме приближно 71,5 отсто од планираното производство или 315 гигават-часа од планираните 440 гигават-часа електрична енергија, што е нашиот просек. Многу е важно со колкава кота, односно каков волумен на вода од Охридското и во Дебарското Езеро ќе ја почнеме годината бидеќи речиси 20 отсто од вкупното производство се реализира во првиот и вториот месец“, рече Божиновски.
Нивото на акумулацијата, нагласи, на 1 јануари годинава било над просекот, што ветува подобра хидролошка и енергетска година од предходната кога акумулациите биле далеку под просекот.
„Очекуваме добар зимски период и значително производство во текот на грејната зона, особено во првите два месеца – јануари и февруари. Ако имаме поголем дотек, обилни врнежи од дожд и снег, може да го задржиме производството континуирано со поголем процент на реализација и во првите три-четири месеци, односно за претстојната грејна сезона да ги покриеме потребите во најголемиот дел на дневниот енергетски профил“, исткана Божиновски.
Ревитализација на хидроелектраните „Глобочица“ и „Шпилје“
Работниот век на големите хидроелектрани обично е 50-60 години, со повремени ревитализации и модернизација на опремата. И кај електраните на хидроенергетскиот систем „Црн Дрим“ работниот век бил продолжуван, но сега се дојдени последните пет-шест години и неопходна е замена на примарната опрема за продолжување на работата на хидроелектраните за наредните три децении.
Токму поради тоа, Владата преку АД ЕСМ почна со третата фаза за ревитализација на големите хидроелектрани во земјата, со која се опфатени и овие два капацитета. Проектот се очекува целосно да заврши до крајот на 2029 година.
„Во ХЕ ‘Глобочица’ целосно ќе се заменат двата генератора со нови, а во ХЕ ‘Шпилје’ целосно ќе се замени еден со нов и два генератора ќе се ревитализираат делумно. Ќе се обнови целата хидромеханичка опрема, делови од самите брани, ќе се инсталира нов мониторинг за мерење и следење на движењата и флуктуациите на стабилноста и статиката на браните. Ќе се ревитализираат и модернизираат и влезните затворачници, темелните испусти, нивната електрична и хидромеханичка опрема, ќе се изврши инјектирање на браната ‘Глобочица’ за дополнително зајакнување на нејзината стабилност, со цел нормално, стабилно, безбедно, натамошно егзистирање на браните како еден клучен фактор на хидроелектраните и на производството на електрична енергија“, информира Божиновски.
Ревитализацијата, појасни, е поделена во седум лота. Секој лот опфаќа точно одредени ревитализации – електроопрема, машинска, градежни работи, мониторинг, следење на браните и слично.
„Некои лотови веќе се во фаза на тендерска документација, за други се избрани економски оператори за да ги извршат, како, на пример, за енергетските трансформатори во ХЕ „Шпилје“ и во ХЕ „Тиквеш“. Нивната изработка е почната и се очекува инсталацијата да почне во последниот квартал од 2026 година“, додаде Божиновски.
Големите хидроелектрани – балансер на енергетскиот систем во државата
Обновливите извори на енергија, како ветерните паркови и соларните електрани, се значаен сегмент од енергетскиот систем на секоја држава, но не може да се градат во поголем обем без постоење хидроелектрани со акумулации (во кои се складира водата што се користи за производство на електрична енергија кога е најпотребно), гасни електрани и батериски системи за складирање на вишоците на електрична енергија од обновливите капацитети на енергија.
„Производството од ветерни и соларни електрани се смета за нестабилно бидејќи во периодите со интензивно сонце или ветер тие производуваат повеќе, а кога ќе снема сонце или ветер, производството наеднаш се намалува за 70 до 90 проценти. Тој брз дебаланс треба да биде испеглан со нашите големи хидроелектрани. Нашите хидроелектрани се значаен витален дел, покрај класично производството на електрична енергија, даваме системски услуги, односно терцијарна и секундарна резерва, која служи за балансирање и пеглање на електроенергетскиот систем на државата“, појасни Божиновски.
Државата, нагласи, анализира и е пред одлука за изградба на нови дополнителни енергетски и хидроенергетски капацитети со големи акумулации, како што се „Чебрен“, „Галиште“, „Бошков мост“ и „ПАХЕЦ Ташмаруништа“, кои ќе овозможат дополнителен баланс во енергетскиот систем. „Бошков мост“ и „ПАХЕЦ Ташмаруништа“, кои се едни од приоритетните проекти на Владата за инвестирање и балансирање на енергетскиот систем, појасни, се наоѓаат на Црнодримското сливно подрачје.
Без акумулациски хидроелелектрани, дополнителни гасни електрани и батериски системи за складирање не може да се прават голем број соларни или ветерни електрани бидејќи ќе нема соодветен механизам за нивно балансирање. Според него, ќе се балансираат со електрична енергија од регионот, која ќе биде премногу скапа и неодржлива и целата електрична енергија во тие периоди ќе биде на товар на граѓаните, стопанството и државата.
„Не треба да се брза, непромислено и безусловно да се градат соларни и ветерни електрани, без претходно државата да испланира и да обезбеди стабилни енергетски капацити, кои ќе може да го балансираат електроенергетскиот систем на дневна, неделна и на месечна основа“, заклучи тој.
Пумпно-акумулациска хидроелектрана „ПАХЕЦ Ташмаруништа“
Формирана е работна група за детаљна проверка и истражување на постојна прединвестициска студија за изработка на нов проект, пумпно-акумулациска хидроелектрана „ПАХЕЦ Ташмаруништа“ на Црнодримското сливно подрачје, за процена колкав капацитет може да се инсталира во сегашните услови.
Според Божиновски, се разгледуваат неколку варијанти за изградба на еден хидроенергетски капацитет со два или три генератори за производство на електрична енергија по 50 до 75 мегавати, односно меѓу 150 и 225 мегавати вкупна инсталирана моќност. Тоа би значело замена на еден блок од термоелектраната на РЕК „Битола“ во одреден број часови од денот.
„’ПАХЕЦ Ташмаруништа’ се предвидува да ја користи постојната акумулација на ХЕ ‘Глобочица’, која би била долен базен. Горниот базен е предвиден да се формира во месноста Церов Дол, источно од алумулацијата ‘Глобочица’ и северно од селото Ташмаруништа. Тоа ќе овозможат дополнително балансирање на системот и услови за изградба на поголем број капацитети на обновливи извори“, истакна Божиновски.
За тоа да се реализира можно е во првата фаза да се направат два генератора, а во втората – третиот, бидејќи пред да се вложи во овој енергетски капацитет потребно е да заврши проектот за изградба на 400/110-киловолтната трафостаница во Охридско-струшкиот Регион, како и интерконективниот 400-киловолтен надземен вод – смета Божиновски. Проектот, посочи, е во напредна фаза на изградба и се очекува да биде пуштен во употреба до 2028 година. Паралелно ќе се изработуваат основниот проект и студијата за животна средина за ПАХЕЦ „Ташмаруништа“.
Автоматизација на истекот на реката Црн Дрим
Досегашниот начин на регулација на истекот на водата од Охридското Езеро во реката Црн Дрим со рачно ставање и менување дрвени талпи ќе биде заменет со автоматизиран систем со далечинско управување. Регулацискиот објект познат како дрвен мост е од привремен карактер. Уште кога бил направен, идејата била да се автоматизира за практична и пофлексибилна регулација и испуштање на водите од Охридското Езеро во реката Црн Дрим и правилно следење на природните осцилации на вода во согласност со меѓународните договори.
„Покрај за функционална намена и флексибилност на испуштање на водите, идејата е да има и репрезентативен карактер, но и да претставува туристичка атракција. Основната намена ќе биде регулација на водата, но предвидено е да има дел со преводница во кој ќе може да поминуваат мали пловни објекти и преку Дрим да пловат до Глобочичкото Езеро и назад“, информира Божиновски.
Тој посочи дека набргу ќе биде распишан јавен повик за идејно решение по што ќе следува јавна расправа, изработка на основен проект и реализација. Проектот се очекува да биде завршен во рок од шест до девет месеци од почетокот на изградбата.
Обновливи извори на енергија на Црнодримското сливно подрачје
Покрај ревитализацијата на ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпилје“, планирана е реализација на проекти со обновливи извори. Предвидена е ревитализација на малата хидроелектрана „Модрич“ со капацитет од 250 киловати, изградба на фотоволтаична електрана во непосредна близина на влезот на хидроелектраната „Шпилје“ со моќност до 1 мегават. Во план е и изградба на ХЕ „Глобочица – 2“, односно прибрански хидроагрегат со моќност од приближно 20 мегавати, како и пловечка фотоволтаична електрана со моќност од 20 до 50 мегавати на дел од акумулацијата на Дебарското Езеро. Во склоп на фотоволтаичните електрични централни, а во согласност со новиот Закон за енергетиката, ќе се предвиди и инсталирање батериски систем за складирање на вишоците на произведена електрична енергија.
„Наведените проекти се дел од инвестицискиот план на АД ЕСМ, изработен во рамките на подружницата ХЕС ‘Црн Дрим’, кои се предвидени на територија на Црнодримското сливно подрачје за периодот 2026 – 2030 година. Нашата компанија вложува во повеќе обновливи енергетски капацитети, со што ќе ја зголемиме нашата инсталирана моќност од обновливи извори на енергија, а со тоа ќе се отвори можност да бидат намалени капацитетите од фосилни горива“, заклучи Божиновски.
Со планираните инвестиции во ревитализација на постојните капацитети, изградба на нови хидроенергетски и дополнителни капацитети од обновливи извори, како и со модернизација на регулациските објекти и преносната мрежа, хидроенергетскиот систем на Црн Дрим и понатаму ќе има клучна улога во обезбедувањето стабилно, сигурно и одржливо снабдување со електрична енергија. Овие проекти, според надлежните, се основа за успешна енергетска транзиција, зголемена енергетска независност и долгорочна стабилност на електроенергетскиот систем на државата.






