„Со загриженост констатираме дека во континуитет се случуваат активности кои не се во најдобар интерес на детето, туку претставуваат злоупотреба на децата поради политичко дејствување. Ова е строго забрането со Законот за заштита на децата, Конвенцијата на ООН за правата на детето и Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Комитетот посочува неколку примери од последниот период: видео објава на кандидат каде се вклучени нивни деца со повик да се гласа, фотографии на кандидати кои делат играчки на деца во рамки на кампањата и делење промотивен материјал преку деца.
„Апелираме до институциите, политичките партии, медиумите и родителите веднаш да престане вовлекувањето на децата во политички кампањи и да се преземат соодветни мерки за санкционирање на сите кои ги користат децата за политички цели. Политичката злоупотреба на деца е строго забранета со закон. На децата не им е место во политиката, туку треба да им се обезбедат услови за квалитетен живот, образование и развој“, заклучуваат од Хелсиншкиот комитет.






