среда, 4 март 2026

Хани: Еколошкиот криминал е еден од најскапите, но и најмалку гонети криминали

Еколошкиот криминал во светот претставува еден од најголемите, најскапите, но и најмалку гонети криминали. Ова е особено изразено во Југоисточна Европа, врз основа на статистика од Евроџаст која потврдува дека се процесирани само 57 случаи во врска со еколошкиот криминал, изјави директорот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) Алберт Хани на денешната „Обука за претставници на Секторот за заштита на природата/биодиверзитетот во областа на Проценка на ризикот од корупција (ПРК)“.

Објавено на

часот

Сподели

Директорот на РАИ, Хани, нагласи дека мандатот на оваа институција не е само борба против корупцијата, туку и создавање трајна култура на интегритет. Секторот за заштита на животната средина, вели, е идентификуван од РАИ како еден од најосетливите сектори со висок ризик од корупција.

„Нашиот мандат не е само да се бораме против корупцијата, туку и да создадеме култура на интегритет, како и да градиме нови вредности, кои ќе се грижат за нашето општество… Заштитата на животната средина е од особено значење поради тоа што еколошкиот криминал во светот претставува еден од најголемите, би рекол најскапите, но и најмалку гонети криминали“, истакна Хани потпирајќи се на статистиката на Евроџаст, според која, само 57 случаи поврзани со еколошкиот криминал биле процесирани.

На прашањето дали од обуката ќе произлезат конкретни алатки и механизми за процена на ризици од корупција во делот на животната средина, Хани рече дека должноста, пред сè, паѓа на раководителите на разните институции да преземат одговорност во борбата против корупцијата, но и на лидерите што ја водат државата, нагласувајќи дека секторот за животна средина е сектор што е помалку регулиран, а со тоа и повеќе изложен на корупција.

„Ова значи развивање конкретна алатка за мониторирање, која преку прашалници и посебни инструменти навреме алармира за потенцијалите за постоење корупција, но во исто време алатка што овозможува правилата и процедурите да се регулираат уште подобро и да се идентификуваат недостатоците во надлежностите, на пример, на разите институции. Бидејќи секторот за животна средина е сектор што е помалку регулиран и повеќе изложен на корупција, тоа значи дека има повеќе простор за дискреција и донесување одлуки што често се под влијание на разни интереси“, заклучи директорот на РАИ.

На настанот беше присутен и австрискиот амбасадор во земјата, Мартин Памер, кој апелира на доследна примена на антикорупциското законодавство и на градење култура на интегритет.

Во своето обраќање тој истакна дека Австрија ја поддржува земјата на патот кон членство во Европската Унија и ги повика сите општествени фактори, од највисоките политички претставници до граѓаните, да бидат одговорни и совесни бидејќи „најдобрите закони и регулативи не помагаат доколку не се применуваат, не се почитуваат и не се следат на дневна основа“.

„Нашата земја ја поддржува Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во Европската Унија и во сите напори во таа насока. Би апелирал до сите, од највисоките политички претставници до граѓаните, да бидат одговорни, доследни и совесни. Најдобрите закони и најдобрите регулативи не помагаат ако не се применуваат ако не се почитуваат и ако не се следат на дневна основа“, порача Памер.

Обуката е трета во серијата национални обуки организирани во рамките на проектот „Југоисточна Европа – Заедно против корупцијата II” (СЕЕ-ТАК II), финансиран од Австриската агенција за развој (АДА) со средства од Австриската развојна соработка и имплементиран од РАИ и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ).

РАИ е меѓународна организација со седиште во Сараево, основана од девет земји на Западен Балкан и Југоисточна Европа, со мандат да ја гради довербата кон институциите во регионот преку зајакнување на капацитетите во областа на борбата против корупцијата. Проектот СЕЕ-ТАК II се реализира во шест западнобалкански јурисдикции – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија – и ќе трае до мај 2027 година.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ