„Поднесеното обвинение од Основното јавно обвинителство Штип против мене е конструкција на Коцевски бидејќи јас обзнанив дека се врши притисок врз мене во врска со предметот за бонусите на СЈО. Тогаш добив закани од Коцевски и за тоа има службена белешка која е заведена и доставена. Овие пет вработении кои се споменуваат дека сум им вршел мобинг се искористени против мене за да се поднесат кривичните пријави. Јас дадов листа на имиња кои ги предложив како сведоци до Татјана Кацарова која е шефица на ОЈО Штип, а воедно и слуга на Коцевски, но таа без никакво образложение ги одби. Се работеше за лица вработени кои го познаваат начинот на мојата работа и кој биле присутни на сите работни состаноци“, вели Хајрулахи за МКД.мк.
Тој додава дека како сведок била повикана обвинителката Фатиме Фетаи која воопшто не била присутна на ниту еден состанок, а сведочела и вработена која пред неколку година била замината да работи во Прилеп.
Суспендираниот обвинител Хајрулахи прашува и зошто обвинението е пуштено денес, а е поднесено во месец јули.
„Што мислите зошто обвинението со соопштение го пуштаат денес, а е поднесено уште во месец јули? Па за да може да ја дефокусираат јавноста, бидејќи пред неколку дена во едно гостување обелоденив детали за предмет против неколку поранешни обвинители на СЈО вмешани во постапка за рекетирање. И сега наместо да се занимаваат со нив, тие се обидуваат да ме дискредитираат мене. Ако навистина има суд и судии ова обвинение не треба да помине ниту на оценка, а не да влезе во судска постапка“, додава Хајрулахи.
Како што информира денес од ОЈО Штип, обвинетиот, во периодот од септември 2023 година до 24.10.2024 година, како службено лице, виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, во службените простории и при вршење на службата опфатена со чл.25 ст.1 од Законот за јавното обвинителство, во текот на работното време, се заканувал и вршел континуирано психичко насилство врз пет вработени жени, со цел да им нанесе душевна болка преку понижувачко постапување.
„Користејќи ја неговата службена хиерархиска надреденост, во повеќе наврати грубо им се заканувал дека има моќ и може веднаш да ги избрка од работа, дека ‘ќе ги дигнел на клоци’, ‘ќе ги фрлел од 6-ти кат’, ‘ќе ги ставел во притвор и под посебни истражни мерки’. Дел ги навредувал дека ‘му го грделе обвинителството’ и им забранувал да комуницираат меѓу себе и со други вработени. Оштетените, неможејќи да ги поднесат заканите и психичкото насилство со понижувачко постапување од обвинетиот, се обратиле писмено до Јавното обвинителство на РСМ, до Советот на јавните обвинители на РСМ и до Основното јавно обвинителство Скопје, со барање за преземање на итни мерки во врска со постапувањето на обвинетиот и за нивна заштита“, соопшти ОЈО.
Откако обвинетиот дознал за писмената на оштетените, се вели во соопштението, ги повикал насамо, секоја поединечно во неговата канцеларија, каде продолжил со психичкото насилство, принудувајќи ги да напишат писмени изјави дека биле изманипулирани. Притоа, им се заканувал дека ќе им поднесе тужби за клевета со барање за отштета од 100.000 евра, велејќи им дека тој може да влијае на сите судии и адвокати, дека имаат деца на кои треба да мислат и дека ќе ги изгубат работните места. Откако ќе одбиеле да потпишат таква изјава им поведувал дисциплински постапки и ги прераспоредувал на работни места во обвинителството.
Пред неколку суспендираниот обвинитеЛ, Хајрулаи изјави дека поранешните обвинители на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, Лиле Стефанова и Бурим Рустеми, се наводно вмешани во нов скандал со рекетирање.
За овој случај се води предистрага во Основното јавно обвинителствто за гонење на организиран криминал и корупција и се прибираат докази за да се види дали ќе се отвори истрага за овој случај. Кривичната пријава до МВР е поднесена од оштетениот бизнисмен чије име засега не се открива. Како што брифираат наши извори, се истражува и дали Бојан Јовановски е вмешан во оваа постапка.
К.Д.






