вторник, 16 декември 2025
Поранешниот виш јавен обвинител за оставката на Коцевски

Хајрулахи за Коцевски: Тој е неписмен лажго без морал, склон кон политички наредби, затоа предметите немаат епилог

Поранешниот виш јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, кој неодамна побара престанок на функцијата во Вишото јавно обвинителство, во одговор на прашањата на МКД.мк изнесува сериозни обвинувања за состојбите во Обвинителството, посочувајќи дека под раководството на Љупчо Коцевски предметите намерно се развлекуваат и се водат без јасна цел да се дојде до судска пресуда.

Објавено на

часот

Сподели

„Ете, Коцевски поднесе оставка – тоа е неговиот карактер. Тој е човек лажго, без ниту грам морални вредности. За мене беше необјасниво како еден таков профил на човек, неписмен и човек кој недоволно го познава македонскиот јазик, може да стаса до оваа позиција. Тој е склон кон секакви наредби дадени од политичките партии. Кога виде дека му се стеснува обрачот, поднесе оставка“, вели Хајрулахи за МКД.мк.

Тој наведува дека барањето за престанок на функцијата го поднел по повеќе од една година суспензија која ја доби од Коцевски, одлука која, како што истакнува, ја донел од морални причини.

„Помина повеќе од една година откако бев суспендиран од страна на Коцевски, под контрола на поранешните обвинители од СЈО. Во тој период примав плата од околу 110 илјади денари како јавен обвинител, без да ја извршувам функцијата. Со грижа на совеста дека примам плата која не ја заработувам, поднесов барање до Советот на јавни обвинители за да ми се констатира престанок на функцијата“, наведува Хајрулахи.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска соопшти дека поднел неотповиклива оставка на функцијата.

Коцевски на прес-конференцијата во ЈОРМС, го оцени како политичка одлука предлогот за негово разрешување што треба да се разгледува на денешната собраниска седница.

Кажа дека од функцијата што ја вршел помалку од две години „заминува со гордо крената глава, но и со разочараност поради очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“.
Доказ за тоа, како што наведе, е тоа што дури денеска во 10 часот, еден час пред закажаната седница за негово разрешување, му била доставена поканата за присуство, а не му бил доставен ниту предлогот за разрешување.

Во однос на кривичната пријава против поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, тој посочува дека подолго време постои оформен предмет во Обвинителството за гонење на организиран криминал, но дека истиот, од познати причини, не се процесуира.

Осврнувајќи се на случајот со трагедијата во Кочани, Хајрулахи изразува жалење што, како што оценува, семејствата на трагично загинатите ќе поминат низ долга и исцрпувачка судска постапка.

„Обвинението е конципирано така што предметот влегува во судница без јасна содржина, со очигледна намера постапката да се расплине и да не се дојде до конечен исход – пресуда. За жал, оваа постапка ќе трае до недоглед“, вели поранешниот виш јавен обвинител.

На крајот, Хајрулахи изразува очекување дека по заминувањето на Коцевски, новиот републички јавен обвинител ќе се зафати со расчистување на состојбите во обвинителството, особено со, како што вели, „инсталациите од СЈО“ и со Обвинителството за гонење на организиран криминал, кое според него претставува едно од главните упоришта на криминалот.

К. Додевска 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ