Како што објасни на прес-конференција, Министерството потпишало меморандум со компанијата „Лимак“, со кој се обезбедуваат 300 паркинг места за вработените во здравствените установи на Клинички центар. Паркингот ќе биде достапен 24 часа и се наоѓа на пет минути пешачење од болничкиот комплекс.
„Поставени ќе бидат табли кои ќе покажуваат кои спратови се наменети за вработените во здравството. Тие ќе плаќаат за паркингот таму, исто како што плаќаат и сега“, изјави Алиу.
Сепак, министерот додаде дека сѐ уште не постои методологија како да се обврзат вработените да го користат токму овој паркинг.
На прашањето за долгорочно решение на паркинг-проблемот во рамки на Клинички, Алиу најави анализа која ќе ги вклучи и вработените и пациентите, бидејќи, според него, дневно на Клиниките циркулираат околу 6.000 пациенти, а таму работат над 2.500 лица.
„Паркингот досега не е ни мапиран, не се знае каде точно треба да се паркираат возилата. Затоа правиме анализа: колку пациенти ги користат местата, колку вработени има, и како најдобро да се организира“, додаде тој.