Никола Груевски се надева на независна истрага на работата на на поранешното СЈО.
„Разбирам дека за таа активност, освен МВР, од кое досега не се слушна дека имало иницијатива, беше потребна волја на главниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство (ОЈО), кој според јавните настапи на преставниците на власта не си ја вршеше работата професионално, што доведе до предвремено негово разрешување, но сега веќе се отвори можност за тоа. Таквото непостапување некои луѓе, вклучувајќи и некои судии дури и денес го сфаќаат како одобрување на постапките, криминалното и партиски контролираното работење на некогашното СЈО од страна на новата власт, но и како премолчен сигнал дека треба да продолжат да работат по старите инструкции од поранешната власт“, пишува поранешниот премиер.
„Факт е дека досега никој од СЈО или нивните нарачатели од политиката нема никакви последици од новата власт за криминалното однесување во минатото, освен Катица Јанева заради случајот Рекет, пред околу пет години. Таа неказнивост ќе ги охрабри во првата можна прилика да го повторат злосторството.Да потсетам дека тоа беше време кога дури и судиите блиски до СДСМ беа повеќе исплашени од обвинетите од тогашното СЈО. Тие беа исполнувачи на нивните желби, а ретките кои покажаа автономност и професионално работење беа остранети или разрешени од судии. Адвокатите беа исплашени.
Некои од нив се повлекоа под лични закани и притисок. Некои не прифатија да бидат како бранители во тоа опасно време во случаите на СЈО од страв да не настрадаат и тие. Имаше и такви кои се премислуваа како во судницата да станат и да кажат нешто во одбрана на обвинителот, а да го кажат на начин што нема да ги налути или сврти против нив лично обвинителите од СЈО или судијата. Дел од нив или пред да кажат нешто во одбрана на обвинетиот најпрвин бараа некоја причина да им кажат некој ласкав збор на судијата или обвинителот. Некои понекогаш под притисокот кој го чувствуваа на паузите или после судењата одеа на приватен разговор со нив, со цел да се дообјаснат дека немало ништо лично против обвинителот или судијата со кажаното и со тоа да ја намалат нивната евентуална лутина кон нив лично, за да не се насочат кон нив, бидејќи такво беше времето, многу лесно можеше да се случи тоа.Сведоците не беа само исплашени, туку голем дел од нив беа преплашени, некои од нив со трауми до денес. Заканите на СЈО беа многу директни и брутални кон нив: или ќе потпишеш и ќе кажеш тоа и тоа, или и тебе ќе те обвиниме и ќе те осудат на толку и толку години затвор”, напиша Груевски.






